Македонскиот одбојкарски шампион во женска конкуренција, екипата на Јанта Волеј, имаше деби од соништата до Лигата на шампионите, откако славеше пред своја публика против босанската екипа Гацко со 3-2 во сетови.
На мечот одигран во СЦ „Јане Сандански“ одбојкарките на Јанта покажаа карактер и борбеност. Иако гостинките од Босна го отворија натпреварот со четири поени, македонскиот шампон брзо ја анулира негативата. Јанта дојде до предност од девет поени, а сетот го доби со 25:21. Вториот сет им припадна на гостинките со ист резултат 21:25, а во третиот се водеше голема борба. По 15:15, македонската екипа се одлепи со пет поени во низа кои се покажаа како решавачки. Јанта Волеј го доби сетот со 25:22 и водство со 2-1. Во четвртиот сет, повторно голема борба. Гостинките имаа и шест поени предност 12:18, но Јанта успеа да се врати во игра и да израмни на 18:18. Но, не успеаја избраничките на Јаневиќ докрај да направат пресврт, па гостинките го добија сетот со 20:25 и израмнија на 2:2. Во решавачкиот петти сет иако гостинките отворија со три поени во низа, одбојкарките на Јанта го покажаа својот победнички карактер. Го свртеа резултатот во своја полза го добија сетот со 18:16, а мечот со 3:2.
Реваншот во Требње е на програмата на 29 октомври.