Во Србија денеска осамна најстуденото утро од почетокот на зимата. Според најновите податоци од веб-страницата на српскиот РХМЗ, во 6 часот утрово, на три места во Србија – Пожега, Сјеница и Смедеревска Паланка се измерени -17 степени. Републичката хидрометеоролошка служба на Србија издаде предупредувања за целата земја, а во поголемиот дел од територијата е на сила портокалова временска тревога, што значи дека времето е опасно и дека граѓаните треба да бидат особено внимателни.
Многу ниските температури што ја зафатија Србија утрово доведоа и до замрзнување на езерото Палиќ и Ада Циганлија, каде што во утринските часови беа измерени минус 15 степени Целзиусови.
Силниот мраз, кој го одбележа едно од најстудените утра оваа зима, создаде тенок слој мраз на овие популарни места за рекреација на Србите, објави Блиц.
„Утрово тргнав од Палиќ на работа во Суботица во 05:45 часот. Беше -15 степени. Главниот пат и туристичката зона се исчистени, но сè друго е катастрофа. Многу е лизгаво и ладно. Езерото Палиќ штотуку почна да замрзнува по брегот, вчера шетав. Но, наутро на овој студ е навистина ужас да се оди некаде. Одамна не било толку ладно. Се сеќавам кога се преселив во Палиќ, во 1999 или 2000 година, беше -23 степени“, раскажува Лаура Бибиќ за „Блиц“.












