Во кафе-книжарницата Буква во Скопје, на 12 јуни, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи дебата и промоција на публикацијата „Ткаење солидарност – од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување“. Настанот е дел од програмата на фестивалот за феминистичка акција и култура Прво па женско #13, кој оваа година тематски се фокусира на заедничкото дејствување, алтернативните економии и феминистичките одговори на системската нееднаквост.

Програмата ќе ги отвори прашањата поврзани со женските кооперативи – нивниот историски и современ контекст, предизвиците со кои се соочуваат, но и потенцијалот за создавање одржливи и солидарни заедници во Македонија и регионот. Настанот ќе послужи како простор за презентација на првото истражување за женските кооперативи во земјава, со кое се поставува темелот за подлабинска анализа на можностите за нивно воспоставување, развивање и поддршка како феминистички и економски модели на здружување.

Во дискусијата ќе учествуваат истражувачки, активистки и практичарки од различни области: Лилјана Јоноски, докторандка по меѓународно право, извршна директорка на Рурална коалиција и ко-авторка на истражувањето, која речиси две децении работи на јакнење на жените од руралните средини; Неда Чаловска-Димовска, магистерка по меѓународно право и експертка за родова еднаквост и антидискриминација, со над 13 години искуство во поддршка на маргинализирани жени; Сара Миленковска, феминистичка организаторка и истражувачка од Коалиција Маргини, чии истражувања се фокусираат на колективната грижа како политичка практика и отпор кон неолибералната изолација; Ана Џокич, архитектка и ко-основачка на кооперативи за домување, енергетика и финансирање во Србија и Холандија, која практично ја реобмислува моќта на заедницата; Сузана Димитриевска, пионерка во органското земјоделство, со фарма што произведува и извезува органски производи, симбол на женско претприемништво и отпорност.

Настанот има за цел да иницира нови перспективи за развој на модели засновани на солидарност, доверба, грижа и социјална правда. Ќе се постават прашањата: Може ли женското кооперативно здружување да биде простор на ослободување? Дали кооперативноста е патот кон економска правда? Присутните ќе имаат можност да слушнат и дискутираат за конкретни примери, практики и визии за иднина во која женската солидарност не е исклучок, туку основа за системска промена.

Настанот е отворен за јавноста.

ИЗДВОЕНИ