Веќе нема доживотни функции и недопирливи позиции, управните одбори се сведуваат на три члена, а статусот в. д. станува исклучок строго временски и правно ограничен, изјави денеска министерот за јавната администрација, Горан Минчев. На јавна дебата по предлогот на законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, тој рече дека со предвиденото решение првпат се воспоставува единствена и кохерентна рамка за уредување на највисоките државни раководни функции. Односно, се уредуваат прашањата – кој, како и под кои услови ги води клучните институции.
– Првпат се воспоставува единствена, јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори за кои досега не постоеја речиси никакви правила – подвлече Минчев.
Обврска да се испорачуваат резултати
Според него, мерит-принципот станува правило, а не исклучок – оној што раководи ќе мора да знае, да може и да одговара. Законското решение предвидува транспарентна постапка за именување на високо раководните функционери, но и јасно ги уредува мандатите и го ограничува изборот.
– Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати – нагласи Минчев.
Избор преку јавен оглас, повеќегодишно работно искуство во одредена област, самостојност во работата, но и обврска да придонесуваат за спроведување на политиките на Владата и министерствата, водење сметка за соодветна етничка и родава застапеност… се само дел од новите правила наведени во предложените законски решенија објавени на системот ЕНЕР. Се работи за законско решение кое се чекаше со години, а за цел има запирање на партизацијата на органите на државната управа и на фондовите каде што најчесто се поставуваат претставници од партиите во владината коалиција која во тој период е на власт. Во предложеното законско решение се објаснува дека се работи за избор на високи раководители во состав на министерствата, самостојни органи на државната управа, фондови… Односно, на директори, заменици – директори, претседатели или членови на комисиите, државни секретари во министерствата, претседатели или членови на управните одбори… Така, во иднина, постапката за нивното именување ќе започнува со објавување на јавен оглас.
Од предложените услови, сега се гледа дека лицето што ќе сака да конкурира за директор или за негов заменик во некој државен орган или фонд, покрај другото, ќе треба да има најмалку седум години работно искуство со област соодветна на делокругот на работа или надлежноста на органот на управата или фондот. Откако заинтересираните кандидати ќе поднесат документи и програма за работа, посебна комисија за именување при Владата ќе ја достави конечната листа на кандидати до надлежниот министер, а тој, пак, ќе ѝ предложи на Владата да биде именуван еден кандидат или, пак, да не се изврши изборот и да се повтори постапката.
Се води грижа за соодветна и правична застапеност
– Функциите на високите раководители се достапни на сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. При именувањето на високи раководители се води грижа за обезбедувањето соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, како и за еднаква родова застапеност – пишува во предложеното законско решение.
Предвидени се и ситуациите во кои високиот раководител може да биде разрешен пред истекот на мандатот – ако покажува слаби резултати од работењето, ако не работи и постапува според закон, статут и актите на органот на државната управа или фондот или ако неоправдано не ги спроведува одлуките на управниот одбор или Владата или постапува во спротивност со нив, ако не се усвои извештај кој тој го доставува, ако се однесува неетички или го нарушува угледот на органот, по инцијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата…
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, во дебатата рече дека целта на законот е создавање транспарентен, професионален и ефикасен јавен сектор во служба на граѓаните.
– Целта е обезбедување еднаков пристап до функциите и именувања според заслуги, како и непристрасно и одговорно вршење на работите на органите на државната управа. Функциите на високите раководители мора да бидат достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови, преку транспарентна, фер и конкурентна постапка – рече Јанушев. (Б. Ѓ.)
Детално образложение за избраните, обиените со право на жалба
Во предложените законски решенија се наведува дека во својата одлука, Владата задолжително ќе наведе детално образложение за направениот избор, а на интернет-страницата на Владата ќе се објави и извештајот за спроведената постапка за селекција и мислењето на комисијата за секој поединечен кандидат, како и предлогот на ресорниот министер. Одбиените кандидати ќе имаат право на жалба пред Управен суд.












