петок, февруари 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДЕБАТА ОКОЛУ НОВОПРЕДЛОЖЕНОТО ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ: Претседателката не сака сама да решава за...

ДЕБАТА ОКОЛУ НОВОПРЕДЛОЖЕНОТО ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ: Претседателката не сака сама да решава за помилувањата, бара да се вклучи и Правда

Членовите на Комисијата не можат да имаат истражни надлежности, да се јавуваат по агенции, не оди тоа, тоа е упад. Концептот со Министерството за правда, со затворите, е пологичен отколку со Комисијата – рече претседателката на државата

247

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, има дилема дали само таа и нејзината Комисија за помилување треба да бидат исклучиво надлежни за одлуката за помилување на осудениците што ќе го побараат тоа. Вакво размислување изнесе шефицата на државата на денешната дебата одржана на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на која се разгледуваа предложените решенија во новиот закон за помилување, предложени од Министерството за правда. Во предлогот на законот се предвидува конечниот збор за помилувањата да го имаат претседателот на државата и неговата комисија. За разлика од сè уште важечкото решение, Министерството за правда во иднина би доставувало до шефот на државата само извештаи за лицата што бараат помилување, без да даде конкретен предлог дали треба да се прифати молбата за помилување на одредени затвореници или не.

Според Сиљановска-Давкова, новопредвиденото законско решение предвидува претседателската Комисија да се става во улога на истражител.

– Мојата дилема се однесува на досегашната и на идната улога на Министерството за правда. Во досегашниот Закон, Министерството за правда има улога и пропишана постапка. Во случајот, гледам дека добиваме предлог од Министерството за правда, а сега, ако добро го читам текстот, веќе нема да има таква обврска. Знам дека таму, во МП, имаше Комисија за помилувања и кривичарите ставаа забелешки дека во составот на Комисијата не седат луѓе од фелата, туку луѓе со политички определби. И најчест одговор од Министерството за правда беше: „Се одбива“. Дали е тоа бегање од одговорноста. Мислам дека е подобро да добиеме мислење и оттаму. Членовите на Комисијата не можат да имаат истражни надлежности, да се јавуваат по агенции, не оди тоа, тоа е упад. Концептот со Министерството за правда, со затворите, е пологичен отколку со Комисијата. Не треба да се јавуваат членовите на Комисијата – потенцира Сиљановска-Давкова, додавајќи дека во досегашната работа редовно ги прифаќала одлуките на својата Комисија.

Во предложеното решение се наведува во иднина молбата за помилување да се поднесува до претседателот на државата преку судот што ја изрекол пресудата во прв степен или преку казнено-поправната установа, заедно со извештајот за однесувањето на осуденото лице. Потоа, судот да ги доставува податоците до Министерството за правда, кое изработува извештај што го доставува до шефот на државата, без предлог за помилување на лицето.

Претседателката потенцира дека посебно прашање е како да се анулира или сведе на минимум дискреционото овластување.

– Не треба да има простор за него. Секогаш работата сум ѝ ја оставала на Комисијата за помилување и како одлучувала таа така и јас сум одлучувала – рече таа, додавајќи дека секој осуденик треба да има право на помилување, за што клучна улога треба да има процесот на рехабилитација.

Гордан Калајџиев, професор на скопскиот Правен факултет, рече дека предложените законски решенија бараат доработување.

– Сега, како Министерство за правда да се повлекува од собирањето на податоците за осудениците и го остава судот да го прави тоа. Тие подоцна се „пакуваат“ во Министерството за правда. А судот нема капацитет, ниту луѓе да го прави тоа, додека во Министерството има одделенија. Комисијата добива податоци, но таа ме може преку „Гугл“ да се распрашува кој осуденик кому му е роднина – нагласи Калајџиев.

Тој додаде дека рокот од пет години што е предвиден за лицата осудени на доживотен затвор да поднесат ново барање за помилување откако првото им е одбиено, е преголем и дека треба да се намали.

Учесниците дадоа поддршка за новото решение според кое може да се даде помилување само по правосилна судска пресуда, односно да не може да се даде аболиција во текот на постапката. (Б. Ѓ.)

Нов закон за претседател на државата

Таа го отвори и прашањето за тоа дали, можеби, треба да се направи и закон за претседател.

– Еден ден треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател, оти имаме закон за правата на претседателите што не се претседатели, а немаме закон за претседател – рече Сиљановска- Давкова.

 

ИЗДВОЕНИ