– Усвоените измени и дополнувања на Законот за ДДВ нема да влијаат на начинот на кој граѓаните ги преземаат своите пратки од странство, вклучително и оние нарачани преку платформата ТЕМУ. Пратките што граѓаните ги порачуваат од ТЕМУ и досега имаа пресметан ДДВ во цената на производот. Истата практика продолжува и по измените на законот – ДДВ ќе остане вкалкулиран во цената на производот, како и досега. Тоа значи дека граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при прием на пратката, ниту ќе има нова обврска за уплата. ДДВ кој е веќе пресметан во цената кон државата го уплаќа овластениот шпедитер или поштенскиот оператор со кој платформата има договор – информираат од Министерството за финансии и потенцираат дека со законските измени не се менува начинот на прием и царинење на пратките.
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра.
– Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места. Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија и ќе придонесе за намалување на сивата економија – велат од Финансии.
Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар.
– Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина. Со усвојувањето на измените, државата испраќа јасна порака за поддршка на компаниите што создаваат додадена вредност, инвестираат во развој и отвораат нови работни места во земјата – додаваат од Министерството за финансии.












