Дури 40% од анкетираните граѓани во истражувањето на невладината „Социетас цивилис“ наречено „Доктор Рушвет“ изјавиле дека дале поткуп или подарок во замена за здравствена услуга, најчесто давале пари, од 200 денари до 2.000 евра, а тоа го барале или го добивале докторите и помошниот медицински персонал. „Еве, на пример, мојот сопруг скрши нога. Докторот во Скопје, кој требаше да прави операција, побара во рок од 3 часа да дадеме 30.000 денари на некоја сметка за да го оперираат, ако не, ќе го врати во Куманово. Значи, ти и да имаш и да немаш, и да сакаш и да не сакаш, мораш да ги дадеш ако сакаш да ти ја извршат услугата што ти е потребна“, изјавила 46-годишна жена.
Пред само неколку дена, 12 од обвинетите во случајот со лажните инвалидски пензии се спогодија со Обвинителството за организиран криминал и корупција и добија условни затворски казни, меѓу нив и тројца лекари кои издавале фабрикувани мислења за стекнување на правото на пензија. Дел од докторите продолжуваат да даваат здравствени услуги, опслужуваат повеќе од илјада пациенти и работат и натаму со Фондот. Пред два дена условно беше осуден вработен во прилепската болница, кој за една година украл 35 илјади евра од наплатата на пациентите. Очна докторка од битолската болница е осомничена за мито, а познат хирург беше осуден за 150 евра за операција за жолчка. Случаите на корупција во јавното здравство станаа секојдневје, но и покрај срамот во јавноста дека доктор е фатен со „рацете во медот“, барањето и примањето мито си продолжува. Ова го потврдува последното истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, наречено „Доктор Рушвет“, направено во земјава на вкупно 81 граѓанин во текот на минатата година. Испитаниците одговарале на прашањата за поткупот во јавното здравство, користењето на врски, недостатокот на термини и услугите по болниците и поликлиниките. Дури 40% од анкетираните граѓани изјавиле дека дале поткуп или подарок во замена за здравствена услуга, најчесто давале пари, од 200 денари до 2000 евра, а тоа го барале или го добивале докторите и помошниот медицински персонал.
Неодамна министерот за здравство, Азир Алиу, кажа дека преку новата апликација на интернет-страницата на Министерството за поплаки од пациентите, добар дел се однесувале на пријава на барање мито од медицински лица, а министерот се заложи дека ќе ги проверува случаите. Во истражувањето на Институтот за демократија, луѓето не ги криеле личните примери на корупција во здравството.
„Јас мислам дека во последно време нашето јавно здравство е сè повеќе корумпирано. Еве, на пример, мојот сопруг скрши нога. Докторот во Скопје, кој требаше да прави операција, побара во рок од 3 часа да дадеме 30.000 денари на некоја сметка за да го оперираат, ако не, ќе го врати во Куманово. Значи, ти и да имаш и да немаш, и да сакаш и да не сакаш, мораш да ги дадеш ако сакаш да ти ја извршат услугата што ти е потребна“, изјавила 46-годишна жена. Во друг случај, пак, велешанец посведочил дека парите ги предал на непознат. „Мене ми зедоа пари, баш тука во болницата во Велес. И тоа тука на мостот… Ми дадоа број по операција да се јавам. Се јавив. Се појави човек, носам такви бермуди, таква маица. Јас оттука заминувам. На мостот ми дигна рака. Пријатно, пријатно“, кажал 60-годишен маж. Одлуката да дадат мито е, сепак, на пациентите, соочени со итноста не им преостанува ништо друго освен да направат договор со гревот.
„Мислам дека нема корупција од страна на докторите. Корупцијата ја направи народот. Никој нека не се брани дека докторот бара пари. Кај кој доктор и да одиш. Јас сум одел кај многу доктори. Никој не ми рекол – дај ми пари. Имам ставено четири стента. Ниеден доктор не рекол да ми дадеш пари да те лечиме. Значи, ако ти не му дадеш сам на докторот, докторот не ти бара. Тоа, еве, со главата го гарантирам, ако не му дадеш пари на докторот, он сам не ти бара“, изјавил 57-годишен земјоделец во анкетата на Институтот.
Како голем проблем во здравството, граѓаните ја истакнуваат појавата карактеристична за регионот, а тоа е фаќањето врски за побрз или поквалитетен преглед. Токму оваа појава е една од причините услугата „Мој термин“ да биде нефункционална.
„Државното здравство ни е катастрофа. Не го користам многу, ама кога и да го користам, сè е преку врски. Чекаш ред. Влегуваат прво тие што се знаат, пријатели. Без разлика дали си поболен или поздрав од нив, тие влегуваат. Не само што ќе влезе преку ред, туку кога ќе влезе ќе заврши работа и уште половина час си прават муабет меѓу себе. А надвор што чекаат пациенти, тоа е друго“, искоментирал пензионер за Институтот.
„Мислам дека имаме недостаток на кадар, еден општ пример – имаме гинеколошко-акушерско одделение во нашиот град во Радовиш. Претходно беше целосно реновирано, комплет реконструирано со сè ново – има недостаток на акушери, гинеколог, мислам дека пред кратко, пред неполна година некој добил лиценца да биде гинеколог во Радовиш зашто претходно другите се во пензија и мислам дека сè уште не функционира“, жител на Радовиш ја опишува реалноста во помалите градови.
„Еве, јас имав потреба за компјутерска томографија, во Струмица има апарат, не знам дали моментно е поправен, меѓутоа до пред 20 дена не беше. Јас три месеци наназад морав да закажам во Штип за да добијам некоја здравствена услуга од нашиот здравствен систем. Така што кубуриме со персонал, со техника, со технологија, не се одржуваат на време и тие апарати што ги имаме, тоа се скапи апарати значи во здравствениот систем во сите области имаме затајување“, изјавил повозрасен пациент.
Како главни причини за недостатокот на здравствени работници, според прашаните, се ниските плати и партиските вработувања, што, пак, влијае на тоа квалитетните доктори да заминат од земјата или да преминат во приватните болници, се заклучува во анализата на Институтот за демократија. (П.А.)