Давитковски: Анкетните комисиии се само сол на рана за кочанските семејства!

Анкетните комисии на власта и на опозицијата се најдоа на дневен ред во Собранието

0

Два предлога за формирање на анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани, се најдоа на дневниот ред на денешната пленарна седница, едната од владејачката коалиција, а другата од опозицијата- Левица и СДСМ. Суштината на двете комисии е слична да се лоцира политичката одговорност за несреќниот крај на 63 млади животи кои згаснаа во „дивата“ дискотека на сопственикот Дејан Јованов. Разликата е во опсегот на трагедии, власта бара утврдување на вистината и за другите како што се автобуските несреќи на Дурмо турс и Беса транс, и пожарот во Модуларната болница кога министер за здравство беше актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче.

Анкетната комисија закажа и пратеникот од Левица, Димитар Апасиев преку Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот каде е претседател, а комисијата е по претставка на Здружението 16 март 2025 Кочани. Нивната иницијатива ја добил во јули, а датумот за првата средба е закажан за во вторник на 9 декември кога официјално родителите на загинатите и повредените млади од кочанската трагедија ќе се сретнат со пратениците во собраниска сала.

Паралелно со случувањата околу формирање на собраниските комисии, тече судскиот процес за несреќата во Кочани каде се докажува кривична одговорност на поранешни министри, функционери, градоначалници…

Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојановски  упати апел до сите пратенички групи да го поддржат одржувањето на Анкетната комисија предложена од над 75 пратеници и која се однесува на големите трагедии кои се случија во Македонија. Како пратеници имале должност и обврска да ги дадат одговорите на сите трагедии и за кои граѓаните сè уште имаат неодговорени прашања и дилеми дека не сите виновници се изведени пред лицето на правдата.

„Сметам дека треба да бидеме особено внимателни, бидејќи за една од тие трагедии се води судски процес и тоа, практично, ќе значи ние како орган, како пратеници треба да внимаваме и на нашиот дигнитет и соодветно на тоа да ги опфатиме сите оние трагедии кои се случија, за да можеме да им дадеме на граѓаните тоа што го бараат. А тоа е правда и конечно одговор на прашањето, кој е виновен затоа што тоа репетитивно се случува во нашата држава“, порача одсобраниската говорница пратеникот Стојаноски.

СДСМ ќе ја даде подршката за двете анкетни комисии, поради тоа што мора да имаме одговорност пред општеството и пред државата, изјави лидерот Венко Филипче

-Тоа е пред се на барање на родителите, на загинатите и повредените деца. Треба да се земат предвид дали има, дали нема судски процеси, каде се завршени. Имаме ние пред се и морална обврска пред сите луѓе коишто ова го бараат од нас. Мора да се слушне гласот во собранието, на луѓето чишто е ова практично дом, порача Филипче.

Осум месеци по несреќата во Кочани за што веќе се бара кривична одговорност во судница, а години поминати од Ласкарци, Беса Транс и Модуларна за кои случаи пак или има или судските одлуки се во втор степен, во јавноста  се отвори прашањето дали се потребни собраниски комисии за политичка одговорност или партиите се во уште еден обид за собирање на политички поени?

Според Уставот, наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции.

„Се основаат со цел утврдување факти и состојби по контроверзни прашања, за кои се надлежни министерствата и другите органи на државната власт. Анкетната комисија има за задача да направи увид во документацијата, да направи анализа на некој посебен настан или случај и наодите да ги презентира пред Собранието. При тоа наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции, пишува во собраниските документи достапни на интернет.

Формирањето на собраниски комисии за трагедии од минатото се скандалозни и со сигурност ќе бидат негативана референца во следниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, вели за весникот Вечер професорот по управно право Борче Давитковски.

Пратениците да не се впуштаат во политички маркетинг онаму каде што не е дозволено.  За Ласкарци, модуларната болница во Тетово и за „Беса транс“имаме три правосилни пресуди, што значи дека Собранието не може и не смее за нешто што е пресудена работа да расправа. Доколку сакаа вистински да ја лоцираат политичката одговорнос за Кочани тоа требаше да го сторат веднаш, а не сега кога имаме актуелен судски процес, со ова што го прават само додаваат сол на раната на семејствата на загинатите. И сега „пост фактум“ кога веќе обвинителството покрена обвинение, кога веќе почна судскиот процес, нема што да одлучува парламентот, нема веќе надлежност, туку се работи за кривично – правна одговорност. Политичката одговорност е секундарна, сега се утврдува кривично – правната. Ако некој од носителите на извршната власт требало да одговара, најверојатно обвинителството требало да покрене обвинение против него, вели Давитковски и нагласува дека парламентот сака да ги преиспитува пресудите на судската власт што не е дозволено никаде во светот.

Последната анкетна комисија која се формираше во Собранието се обиде да утврди политичка одговорност по објавувањето на аферата „Онкологија“. Расправата во оваа комисија по неколку месеци заврши брз утврдени заклучоци за политичка одговорност. Тогашната владејачка партија СДСМ, заклучоците на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи ги опиша во јавноста како „партиски заклучоци“, и без прецизна листа на лица кои би носеле политичка одговорност. Слична беше ситуацијата и со претходните анкетни комисии, како таа за аферата за прислушување која опфати масовно следење и прислушкување на политичари и јавни личности.  Анкетна комисија беше формирана и за случувањата на 24 декември 2012 година кога опозицијата беше исфрлена од парламентот, но потоа тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека извештајот го смета за „палома хартија“.

Семејствата на жртвите од кочанската трагедија кои протестираат за неселективна правда ама и за никогаш повеќе да не дојде до несреќа од такви размери, до сега со политичките фигури во земјава се среќаваа на улиците каде го искажуваа својот револт. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ