Во просториите на Општина Центар денеска се одржа срдечна средба на градоначалникот Горан Герасимовски со 24-годишниот Дарко Митровиќ, кој на големиот христијански празник Богојавление – Водици имаше чест и среќа да го извади светиот крст од водите на реката Вардар.
– Дарко дојде во посета на Општината носејќи го со себе светиот крст, со што симболично го пренесе благословот до сите служби и граѓани. Оваа посета беше посветена на заедничките желби за здравје, среќа и општа благосостојба на сите што живеат и работат во Центар – соопштија од локалната самоуправа.
Герасимовски истакна дека му претставува искрено задоволство што лично му честитал на Дарко за подвигот.
– Тој денеска дојде со светиот крст, како симбол на надежта и духовниот мир, со искрена желба за среќа и просперитет на сите свои сограѓани. Општина Центар секогаш ќе ги негува традициите што нè обединуваат и носат позитивна енергија во нашето секојдневие – изјави Герасимовски.

Дарко беше најсреќниот меѓу 160. учесници на централната манифестација кај мостот „Слобода“. Општина Центар уште еднаш му честиташе за овој голем успех и му посака благословот да го следи него и неговото семејство во текот на целата година.
Митровиќ денеска беше и во посета на Општина Кисела Вода.
– Со голема радост и гордост ја сподели својата среќа, истакнувајќи дека упорноста, верата и надежта секогаш се исплатат. Овој чин, за него, има особено значење, а фаќањето на светиот крст го доживува како благослов и силна духовна порака – соопштија од Општина Кисела Вода.
Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска му посака добро здравје, среќа и успех, со надеж дека годината што следува ќе му донесе многу убави моменти и исполнети желби.












