-Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас, и како вели Маркес, постојат приказни кои им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму ним им се случиле, рече режисерот Дарко Митревски во видеопораката емитувана синоќа на проекцијата на филмот „Балканкан“ со која се одбележа големиот јубилеј – 20 години од премиерата на оваа култна македонска црна комедија.
На настанот и проекцијата, одржани на „Руфтоп опен ер синема“ во Скопје, присуствуваше дел од филмската екипа, односно актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од К15 – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот – Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации – Роберт Јазаџиски, продукцискиот менаџер – Зоран Ристески.
Режисерот Митревски, кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги урна сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и од Словенија, со видеопораката се обрати до присутната публика, од елитната холивудска населба Малибу.
Во видеопораката накратко ја раскажа приказната за македонската урбана легенда – за лошата баба завиткана во килим, која е лајтмотивот околу кој потоа се развива приказната на целиот филм.
– Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас, тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство, на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека не се случила оваа приказна во Македонија, туку на едно австриско семејство, во времето на Студената војна, во тогашната комунистичка Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои, пак, ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство, во Мароко. За на крај, откако прошета филмот на фестивали и беше дистрибуиран низ светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес, кој вели дека постојат приказни кои им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму ним им се случиле, па наведува приказна за некојаси баба завиткана во украден тепих, која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула, пред 20 години, беше пославна во Македонија од Бионсе и Тејлор Свифт заедно. Таа баба му донесе на „Балканкан“ неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и со 20.000 илјади легално продадени ДВД-примероци – рече Митревски додека во заднина се гледаа долгата плажа и тиркизниот океан, а потоа неочекувано го сврте ракурсот на камерата, каде што сè уште се гледаат урнатините во Малибу, кое изгоре во стравотните пожари годинава.
Тој притоа додаде: „Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа на баба Зумбула и на ‘Балканкан’ им посакувам да ни бидат вечни и вековити“.
По проекцијата, следуваше кратка сесија разговори со дел од актерската екипа, во која беа споделени анегдоти, спомени и емотивни моменти од снимањето, а поради голем интерес, на 22 август во 21:00 часот, повторно ќе биде прикажан „Балканкан“ на истава локација.
Фото: Томислав Георгиев