На списокот на лауреати на 46. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, покрај Капланоглу и Џајковски, се додаваат и кинематограферите Дариус Конџи, кој ја доби наградата „Златна камера 300“ за животно дело и оскаровецот Воли Фистер, на кој му припадна „Специјална Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност
Иранско-францускиот кинематографер, Дариус Конџи, е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што од 20 до 26 септември ќе се одржи во Битола. Американскиот кинематографер, Воли Фистер, оскаровец и соработник на режисерот Кристофер Нолан, пак, годинава во Битола ќе ја прими „Специјалната Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Ова беше соопштено од директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски, на денешната прес-конференција во пресрет на новото фестивалско издание.
– Мал е бројот на кинематографери во светот кои имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, режисерите: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања. Тоа значи дека само еден е Дариус Конџи, со што може да заклучиме дека е врвен естет кој по сите критериуми ја заслужува „Златната Камера 300“ за животен опус, кој до ден-денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење, додадоа од фестивалот.
Дариус Конџи е роден 1955 во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција, а тој подоцна во животот заминува за САД. Со режисерот Дејвид Финчер најпрвин соработува на рекламата за „Најки“, а потоа и на култниот крими-трилер „Седум“ (Seven) (1995), каде со хемискиот процес на филмската лента и со позиционирањето на светлото на Конџи се добива препознатливиот изглед кој на секој гледач ќе му падне на памет штом се спомне филмот. Овој филм ќе му овозможи да оствари низа успешни соработки во 90-тите. Со Бернардо Бертолучи ќе го реализира „Украдена убавина“ (Stealing Beauty) (1996), првата номинација за Оскар ќе ја добие за „Евита“ (Evita) (1996) режиран од Алан Паркер, ќе работи и на четвртиот дел од франшизата „Вонземјанин Воскресение“ (Alien Ressurection) (1997), од режисерот Жене, завршувајќи ја декадата со психолошкиот трилер во режија на Нил Џордан, „Во соништата“ (In Dreams) (1999), и неоноар хорор филмот „Деветтата порта“ (The Nineth Gate), во режија на Роман Полански. Во 2000-тите остварува соработка со режисерот Дени Бојл за филмот „Плажата“ (The Beach) (2000), ја продолжува соработката со Финчер на „Соба за паника“ (The Panic Room) (2002), ја започна соработката со Вуди Ален на „Сѐ друго“ (Anything Else) (2003), со кого подоцна во кариерата ќе ги сними уште четири други филма. Конџи бестрашно соработува со режисери од различен калибар и со дијаметрално спротивни гледишта на филмот, но големината на кинематограферот е способноста да ја пренесе нивната замисла на дело и преточи во незаборавни кадри, кои ќе се втиснат во сеќавањето на секој гледач. Значајни соработки остварува и со режисерот Џејмс Греј, со кого работи заедно и на „Изгубениот град З“ (The Lost City Od Z) (2016), и со Бонг Џун-хо во научно-фантастичниот „Окjа“ (Okja) (2017). Најдобар доказ за незапирливоста на Конџи е фактот што оваа година реализираше три значајни филмски остварувања, соработувајќи најпрвин со Бонг Џун-хо на неговиот научно-фантастичен свет на репликанти „Мики 17“ (Micky 17), потоа го сними еден од најзначајните модерни вестерн филмови „Едингтон“ (Eddington), во режија на Ари Астер, а моментно во постпродукција е новиот филм на Џош Сафди, „Врвниот Марти“ (Marty Supreme), во кој Тимоти Шаломе го глуми аспиративниот играч по пинг-понг. Конџи има снимено голем број музички видеоспотови со реномирани музички поп артисти како: Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем. Номиниран е за два оскара за најдобра кинематограферска дејност за „Евита“ и „Бардо“, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите „Цезар“ и две номинации за наградите „Индипендент спирит“. Двапати филмовите на кои има работено беа во официјалната конкуренција на ИФФК „Браќа Манаки“ во борба за „Златната Камера 300“, најпрвин со „Земја на мртвите“ (Treasure Of The Bitch Islands) во 1993, а потоа со „Седум“ во 1996 година.
Воли Фистер е роден на 8 јули 1961 како Волтер Ц. Фистер во Чикаго, а израснат е во Њујорк. Застанал зад камера работејќи во њујоршките телевизии како камерман, а пред камера првпат го поставува Рoберт Алтман работејќи ја ТВ-серијата „Танер ‘88“. Средбата што ќе му го промени животот се случува на „Санденс“, каде филмот на кој работи е селектиран и каде ќе се сретне со Кристофер Нолан и ќе започне една долгогодишна соработка која ќе им ги промени животите и на двајцата артисти. Првиот од нивните заеднички успеси е филмот „Мементо“ (Memento) (2000), препознаен по уникатната нелинеарна структура, кој стана фестивалски миленик доаѓајќи до две номинации за оскар. Успешната соработка ја продолжија со уште еден психолошки трилер, односно филмот „Несоница“ (Insomnia) (2002), римејкот на истоимениот норвешки филм. Заедно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирањето на акционите суперхеројски филмови во светски рамки, имајќи ја можноста да го кадрираат фамозниот Готам на големо платно, Фистер и Нолан ќе ја отпочнат нивната трилогија за темниот витез пред 20 години, започнувајќи со „Почетоците на Бетмен“ (Betman Begins) (2005), потоа неговото продолжение „Темниот Витез“ ( The Dark Knight) (2008), а трилогијата ја комплетираа со „Подемот на Темниот витез“ (The Dark Knight Rises) (2012). Помеѓу трилогијата за Темниот витез, Фистер оствари и други две значајни соработки со режисерот Нолан. Едната од нив повторно ги вклучува Кристијан Бејл и Мајкл Кејн, односно филмот „Престиж“ (The Prestige) (2006), кој му обезбеди номинација за Оскар, кој го освои со нивната наредна соработка во научно-фантастичниот акционен филм „Почеток“ (Inception) (2010), во кој Фистер имаше можност да кадрира соништа со впечатлив изглед, да визуализира нурнување во несвесното и да ги тестира законите во физиката на филмското платно, снимајќи на 35мм, 65мм и Виставижен. Неговата кинематограферска работа неколкупати е номинирана за награди од страна на Американското и Британското здружение на кинематографери.
Инаку, македонските филмови „Мајка“ на Теона Митевска и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ќе го отворат и затворат 46. издание на „Браќа Манаки“. Како што е познато, турскиот режисер Семих Капланоглу е годинашен добитник на „Специјалната Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, а композиторот и еден од најзначајните современи музичари, Кирил Џајковски, е годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници (ДФРМ).