Дарио: Уживам во овие празнични денови…..пеејќи ја мојата најнова балада, „Ковчег со злато“

82

Предновогодишна новинарска седенка со популарниот Дарио Панковски!

Пејачот го претстави своето ново цеде насловено според најновиот иден потенцијално голем хит, баладата „Ковчег со злато“. Музиката и текстовите се негово дело, а аранжманите и продукцијата на Кристијан Габроски. Гитарите ги свират Владимир Дојчиновски-Дојчин и Дарко Тасев. Мошне интересен е податокот што Дарио му го посвети овој албум на, како што кажа, „големиот човек и музичар – Тоше Поп Симонов“. На новото издание се наоѓаат 11 песни, меѓу кои и: „Мојата драга“, „Ракија“, „Еј, животе“, „Горе, горе“, „Иншалах“, „Засекогаш млад“…

 За него не напразно велат дека е еден од ретките господа на македонската поп-сцена, а тоа е тој – популарниот Дарио Панковски. Пред некоја вечер, тој организираше несекојдневна дружба или, подобро кажано, спонтана седенка со естрадните новинари, кои долги години соработуваат со него, не само преку пишувањето туку и преку комуникацијата: на концертите, на промоциите, на деловните коктели, на понекој фестивал. Сеедно. Дружбите се тие, секогаш исполнети со пријатни муабети. Така беше и овој пат.

И овој пат не изостана неговиот трендовски начин на облекување, поради кој мажите често му завидуваат, а жените му делат комплименти. Сега беше облечен во бел зимски џемпер, надополнет со зимска кожена јакна во бежова боја и  со зимски патики, кои совршено се вклопуваа.  И, секако, се споено со опоен машки парфем.

Одлично расположениот Дарио, пред, исто така, одлично расположените новинари, го претстави своето ново цеде насловено според најновиот иден потенцијално голем хит, баладата „Ковчег со злато“. Музиката и текстовите се негово дело, а аранжманите и продукцијата на Кристијан Габроски (Ристо Бомбата). Гитарите ги свират Владимир Дојчиновски-Дојчин и Дарко Тасев. Мошне интересен е податокот што Дарио му го посвети овој албум на, како што кажа, „големиот човек и музичар – Тоше Поп Симонов“. На новото издание се наоѓаат 11 песни, меѓу кои и: „Мојата драга“, „Ракија“, „Еј, животе“, „Горе, горе“, „Иншалах“, „Засекогаш млад“… Така што навистина додека ги слушате овие песни со неговиот моќен вокал, гледате пред себе необична магија што ви создава чувство за младост што не минува. Насловната песна, „Ковчег со злато“, е поткрепена и со видеоприказна, која добро ја осмисли и ја режираше познатиот рокер Александар Ристовски-Принц.

Иако не зборува за својата приватност, не е тајна дека Дарио има син и ќерка, која е веќе мажена. Се гордее со нив. Неговиот живот е без афери и трачови, без црнила или озборување. Тој и сопругата Бојана наскоро ќе ги одбележат златните години од успешниот брачен живот. Истакнува дека благодарение на познатиот радиоводител и новинар Драган Б. Костиќ, со кого беше и фамилија (за жал, неодамна почина), се запознал со саканата Бојана.    – Инаку, навистина ми беше комплицирано да ја освојам. Таа од Србија, во осумдесеттите, дошла да студира тука, во Скопје. Нели, тогаш бевме иста држава, па некако Врање ѝ се видело најблиску до Скопје, голем град, метропола. Не помислувајќи ни на сон дека тука во Македонија ќе си ја најде љубовта на животот, односно мене, нејзиниот брачен другар и пријател. Моментот на освојување се случи додека заедно преминувавме улица. Цврсто ја фатив за раката и сериозно ѝ подвикнав: „Е, сега нема веќе пуштање!“ Така и бидна. Бојана стана и остана моја љубов за цел живот!

Своето детство го смета за најтежок период од животот. На осум години останал без мајка, велејќи дека токму затоа немал детство зачинето со онаа мила детска смеа. Подоцна во песната „Човек без спомени“ го опиша тој дел од животот. Дарио е познат и по тоа што ги сака новогодишните празници. Тогаш, како што има изјавено ,„се претвора во мало дете“.

– Не, не е еуфорија, уживање е тоа во празничните денови. Дома, сите заедно учествуваме во украсувањето за сè да личи на некоја новогодишна бајка. Се слушаат музички хитови, на пример од AББA, Џорџ Мајкл, Мараја Кери, „Дјуран Дјуран“…  и секакој мојата најнова песна „Ковчег со злато“.  Со оглед на тоа дека броиме ситно до најлудата ноќ, неговата порака до сите читатели на ВЕЧЕР, но и до сите добри луѓе, до неговите обожаватели е да останат здрави и весели, да си ги чуваат своите најсакани и да им се радуваат на секојдневните мали работи, бидејќи тие нè прават најсреќни.

Дуле МИЌИЌ

 

ИЗДВОЕНИ