Најдобриот македонски атлетичар на долги патеки, Дарио Ивановски е победник на Скопскиот атлетски маратон. Тој во драматичен финиш, во последните два километри од трката го помина фаворизираниот Кениец Џулиос Кипкоеч и целта ја мина за време од 2 часа 14 минути и 50 секунди. Кениецот мораше да се задоволи со втората позиција со резултат од 02:15:20 часа, а третото место му припадна на Грузиецот Давити Каразишвили со време од 02:24:48 часа.
Ова е втора победа за Иванвски на Скопскиот маратон, откако претходно прв ја мина целта во 2021 година. Со оваа победа најдобриот македонски маратонец стана и балкански и национален шампион.
Во женска конкуренција втора година по ред победи Кенијката Ирине Черуто со резултат од 2 часа, 38 минути и 31 секунда. Втора на целта пристигна Бугарката Маринела Нинева (2.45.36 часа), резултат кој и ја донесе и балаканската титула, додека третото место и припадна на Ана Јусупова од Азербејџан со време од 2:36:13 часа.
-Најважно ми е да ги банам боите на Македониј. Навистина ми беше задоволство да трчам пред македонските навивачи. Благодарност до сите кои веруваа во мене и кои ме поддржуваа и кога паѓав и кога бев најдобар. Со оваа победа сакам да испратам порака до сите, да престанат не гледаат како губитници. Сите нека знаат дека и во Македонија има победници и ова воедно нека биде и порака и до младите. Се уште не можам да кажам ништо за моите идни планови, но повеќе од сигурно е дека ќе се почестам со еден голем бургер и некое убаво слатко за да си ја вратам енергијата, изјави Ивановски по победара на Скопскиот маратонон
На полумаратонската трка од 21 километар триумфираше Албон Имери од Косово со време од 1:07.57 часа, пред македонскиот натпреварувач Иван Пешовски со време од 1:11.30 часа и Александар Арсов (Македонија) со време 1:12:52 часа. Во женска конкуренција исто така победи натпреварувачката од Косово Греша Бакрачи (1:20.50), пред македонските натпреварувачки Теа Божиновска (1:21.10) и Миљана Ристиќ Стојческа со време од 1:22.13 часа.
Оваа година, Скопскиот маратон го прослави своето 21-во издание со рекорден број учесници – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји ја исполнија трасата низ главниот град.