Неговата мајка, Мери, е горда на него и вели дека тој ќе ја има честа и можноста да настапува на Светскиот куп во Барселона, во април 2026 година, во генерацијата 2016, со најдобрите деца од Хрватска

Македонскиот фудбалски бисер и идна наша спортска ѕвезда, деветгодишниот Даријан Галевски, за кого веќе пишуваше весникот ВЕЧЕР, во средата имаше чест да го отвори 14. по ред Барселона камп во Загреб, во рамките на кој има 140 деца од различни држави. Таму Даријан ќе остане да тренира пет дена, ќе има по два тренинга во текот на денот, со младите фудбалски таленти. Неговите тренинзи ќе бидат следени од четворица тренери дојдени од каталонскиот гигант Барселона.

Неговата мајка, Мери, е горда него и вели дека тој ќе ја има честа и можноста да настапува на Светскиот куп во Барселона, во април 2026 година, во генерацијата 2016, со најдобрите деца од Хрватска.

– Овие деца се селектирани и одбрани од тренерите на Барселона, не може секој да оди на тој Светски куп. Пред сè, треба да ја разбираат филозофијата на Барселона, да бидат тимски играчи, а не индивидуалци, да се почитуваат меѓу себе, да бидат дисциплинирани и да го почитуваат тренерот. На тој Светски куп ќе настапат околу 40 држави од светот и ќе биде едно големо искуство за Даријан и за нас како родители – вели мајка му Мери.

Во 2024 година, на тој камп, Даријан го освои првото место, односно беше прогласен за најдобар играч на кампот од сите деца на возраст од 6 до 16 години.

– Бевме поканети од организаторот и од фудбалската школа „Ла Масија“ во Барселона, Даријан 10 дена да тренира со најдобрите деца од светот. Во октомври бевме дел од најголемата школа и Даријан беше оценет со највисока оценка, а тоа значи дека тој поседува сè што бара фудбалската школа „Ла Масија“ – со гордост раскажува неговата мајка.

Успесите на Даријан стигнаа и до градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, чиј жител е тој. Пред да замине за Хрватска, тој беше примен во неговиот кабинет. Градоначалникот со восхит напиша на социјалните мрежи дека Даријан е вистински пример за спортски млад херој, кој е подготвен да го освои фудбалскиот свет.

– На само 9 години, Даријан веќе има преку 20 одиграни турнири, а неговата игра го воодушеви и великанот Барселона. На турнирот во Загреб беше издвоен како најдобар поединец меѓу 200 врсници од страна на тренерите на „Ла Масија“ – легендарната академија на Барса. Неговите визија, техника и пасија за играта се нешто што ретко се гледа и токму затоа е поканет и на камп организиран од Барселона. Успехот не застанува тука – веќе е дел од Црвена звезда и го очекува светла иднина на фудбалската сцена – се пофалните зборови на градоначалникот Стојкоски.

Тој му посака на Даријан да продолжи да сонува, да тренира и да победува и вети дека ќе го следи неговиот пат кон врвот.

Но, за ваквиот успех, како што вели мајката на Даријан, потребни се и одредени жртви и откажувања.

– Ако има роденден на некое другарче, а во исто време и тренинг, Даријан не оди на роденден, оди на тренинг, тоа е еден вид жртва што ја прави на оваа возраст. За викендите, исто така, има многу дружење од училиштето и со децата од фудбалот, но тој е во Белград, па не може да биде дел од тоа детско, забавно дружење. Откажување од храна, на пример од премногу благо, од газирани сокови и слично, нешто што им е омилено на сите деца, секако и на Даријан, но мора да го остави настрана, бидејќи тоа лошо влијае на неговиот раст и развој. Децата уште од мали се учат на здрави навики и на здрав начин на живот – зборува за откажувањата на својот син на сметка на спортските успеси.

Иако сега е летен распуст и сите деца одат на одмор, Даријан има обврски и е ангажиран до крајот на јуни. Тој ќе треба да тренира на два големи кампа – Барселона и Овиедо.

– Во моментот, со последни сили ги завршува камповите и чека да оди во Грција, каде што одморот во јули ќе го помине во камп. Другите деца се на одмор и во август, но Даријан од први август почнува да тренира и да ја темпира формата за тестирањата во Црвена звезда – Белград и продолжува со неа од 17 до 25 август на подготовки во Врњачка Бања, Србија – набројува мајка му Мери.

Таа вели дека и таа и неговиот татко, како родители, се откажуваат од многу нешта за тој да постигне исклучителни резултати.

– Во моментот, ние, како родители на Даријан, го поддржуваме неговиот развој. Се откажавме од одмор и шетање на различни дестинации, бидејќи тие средства би ги искористиле за него. Ние сме негова најголема поддршка и секогаш го следиме каде и да оди. Тоа нè прави задоволни, среќни, а со тоа успеваме да се задоволиме и да уживаме на еден начин, исто како да сме на одмор. Исто така, има откажување и од реновирањето на домот и од уште многу други работи, бидејќи, искрено, темпото што ни го наметнува Даријан тешко може да се следи – објаснува Мери.

Даријан почнал да тренира на 4 години и 8 месеци, неговиот талент, со напорна работа, го препознале сите. Тој настапувал на турнири и за генерацијата 2015 година, бидејќи со играта што ја покажувал на терен не му било тешко да игра и за генерацијата постара од него. Со многу љубов и напорно тренирање, талентот на Даријан експлодирал во Детската фудбалска лига на Македонија. Даријан, кога е во Скопје, тренира за фудбалската школа „Форца“, каде што се неговите почетоци, а неговиот талент го препознал Јовче Џипунов. Секој викенд патува во Белград, бидејќи, исто така, тренира во ФК Црвена звезда.

На Даријан уште на 2-годишна возраст, како и на сите деца, омилена играчка му била топката. Неговата мајка истакна дека сите ги препознале неговите движења, координацијата со топката, прецизниот и силен шут, бидејќи бил специфично дете на таа возраст.

Љубовта кон фудбалот му ја всадил неговиот постар брат, Лука Галевски, кој има 16 години и игра за ФК „Вардар“ од Скопје.

Младиот фудбалер сега ќе биде ученик во четврто одделение во ООУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар и има голема поддршка од директорката на училиштето и од своите наставнички. Тој е одличен, бидејќи, како што нагласи неговата мајка, добриот спортист, пред сè, треба да биде и добар ученик.

Мајката на Даријан, како што веќе пишуваше весникот ВЕЧЕР, е поранешна репрезентативка во карате, државен првак на Македонија 15 години и има над 170 медали, додека неговиот татко Дамјан Галевски има играно кошарка во Работнички.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ