Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, на прес-конференција во Вашингтон изјави дека Данска и САД имаат „фундаментални несогласувања“ околу судбината на Гренланд и најави формирање на работна група на „високо ниво“, заедно со САД, за да се испита дали е можно двете земји да најдат „заеднички пат“.
Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, денес се сретнаа со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио во Белата куќа, а состанокот, според данскиот министер за надворешни работи, бил „отворен и конструктивен“, иако позициите на САД и Данска за иднината на Гренланд остануваат различни, објавува Би-Би-Си.
Тој потсети дека САД веќе имаат широк воен пристап до Гренланд, како дел од договорот меѓу двете земји од 1950-тите, и истакна дека Гренланд, преку Данска, која е членка на НАТО, е опфатен со Член 5, кој ја дефинира колективната одбрана кога една од членките е нападната.
Данска сака да соработува со САД и ние сме подготвени да одиме подалеку од сегашниот договор, но во денешните разговори сакавме да постигнеме заедничко разбирање за проблемот, рече Расмусен.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно ги искажал своите ставови, но дека Данска сè уште има „различна позиција“.
Тој нагласи дека работната група ќе се состане во следните неколку недели и објасни дека треба да се фокусира на решавање на безбедносните проблеми на САД, почитувајќи ги „црвените линии на Данска“.
„Тоа е работа што ќе ја започнеме, но дали е изводливо да се постигне решение, не знам“, рече тој.
Расмусен нагласи дека нема „моментална закана“ од Кина и Русија и ги отфрли тврдењата дека ова „ќе биде случај за 10 или 20 години“.
Тој додаде дека е апсолутно јасно оти Трамп сака да го „освои“ Гренланд, но верува дека денешната средба успеала да ја „промени американската позиција“.
„Многу, многу јасно ставивме до знаење дека ова не е во интерес на Гренланд“, рече тој.
Министерот за надворешни работи на Гренланд рече дека САД и Гренланд мора да се вратат на „нормалните односи што некогаш ги имаа“.
„Во интерес на двете земји е да најдат рамнотежа и да работат како сојузници. Ние сме сојузници, ние сме пријатели“, рече Вивијан Мотцфелд.












