Данска по инцидентите со дронови: Граѓаните купуваат залихи како во пандемијата

18
EPA/65th Mechanized Brigade / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Дронови летаа со часови над најголемата воена база во Данска. И ова само неколку дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради дронови.

За само една недела, данскиот воздушен простор е нарушен од дронови три пати – најновиот инцидент е регистриран над најголемата воена база во земјата. Жителите на Алборг, градот погоден од овие инциденти, се сведоци на растечка загриженост.

„Јас живеам токму во Алборг, во град каде што неколку летови беа откажани поради дронови. Можам да кажам дека целата оваа ситуација стана секојдневна тема – и на работа и меѓу пријателите. Луѓето се прашуваат: Чии се дронови? Зошто не ги детектиравме навреме?“, вели Хрватката Кристина Стаменковиќ, а пренесува Net.hr.

Иако Русија негира каква било поврзаност со инцидентите, данската влада отворено зборува за „хибридни напади“, најавувајќи зголемени безбедносни мерки. Некои граѓани веќе се подготвуваат за можни вонредни ситуации.

„Некои Данци почнаа да купуваат залихи како за време на пандемијата – конзервирана храна, тоалетна хартија и слични потреби. Но, повеќето продолжуваат да живеат како порано, вели Кристина Стаменковиќ.

Во исто време, во Украина, нападите со беспилотни летала имаат разорен ефект. Во Запорожје, беспилотно летало се урна на патот, предизвикувајќи експлозија и серија несреќи, но немаше човечки жртви.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува на слабиот одговор на Западот.

„Реакцијата на НАТО беше многу слаба. Затоа рускиот претседател продолжува со истиот пристап кон другите земји. Ако беспилотните летала се во вашиот воздушен простор – мора да ги соборите.“ вели Зеленски.

Слични инциденти се регистрирани и во Полска, Романија, Естонија, Норвешка и Германија. Како одговор на растечката закана, Германија најавува формирање на Центар за одбрана од беспилотни летала.

„Сведоци сме на трка во вооружување – помеѓу заканите што доаѓаат од беспилотните летала и одбранбениот систем. Мора да се подготвиме. Тоа е трка што не смееме да ја изгубиме“, вели Александар Добриндт, германскиот министер за внатрешни работи.

Поради сè почестите нарушувања на воздушниот простор на членките на НАТО, началниците на генералштабовите на вооружените сили на Алијансата се состанаа во Рига. Тие велат дека одговорот на НАТО досега бил силен – и дека во наредниот период само дополнително ќе ја зајакне својата одбрана.

ИЗДВОЕНИ