Данска бара Европа да го искористи целиот свој правен арсенал против Унгарија поради кршење на основните права на блокот, вклучувајќи ја и примената на таканаречените нуклеарни опции, членот 7 против Будимпешта, пишува „Политико“.
-Сè уште сме сведоци на кршење на основните вредности. Затоа ќе ја продолжиме постапката според член 7 и сослушувањето за Унгарија, изјави данската министерка за европски прашања, Мари Бјер, за новинарите.
Член 7 е клаузула во договорот на ЕУ што им овозможува на земјите да гласаат за исклучување или казнување на земја членка што ги крши правилата на блокот. Оваа мерка се смета за нуклеарна правна опција, која ЕУ досега не ја искористила, иако Брисел вели дека Унгарија ги прекршила законите на ЕУ.
Бјер рече дека блокот треба да размисли и за ограничување на пристапот до фондовите на ЕУ за земјите што ги кршат европските закони. Таа ја критикуваше Унгарија за продолжување на блокирањето на членството на Украина во Европската Унија, велејќи дека Данска е „подготвена да ги разгледа сите политички и практични решенија за да можеме да продолжиме напред“.
Доколку земјите од ЕУ одлучат да ја заострат постапката според членот 7, тие би можеле да го одземат правото на глас на Унгарија во некои аспекти од европската политика, како што е проширувањето, со што би се изгубило правото на вето на Будимпешта врз членството на Украина.
Сепак, дипломатите предупредуваат дека следниот чекор бара барем целосна поддршка од Париз и Берлин за да се мобилизира остатокот од блокот, а таква поддршка засега недостасува. Бидејќи Унгарија останува цврста во своето противење на членството на Украина, постојат шпекулации дека Европската комисија може да одлучи да продолжи со апликацијата за членство на Молдавија со формално отворање на преговарачки „кластер“ во наредните денови. Молдавија и Украина се тесно поврзани во процесот на пристапување во ЕУ, па затоа нивното одвојување би било контроверзно.
Но, Бјер рече дека Данска не е подготвена да ги одвои двете барања.
-Нашата цел сè уште, е да го отвориме првиот кластер заедно за Молдавија и Украина, рече таа.