Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, денес, во заедничка изјава, го повторија своето барање за почитување на нивните граници, откако новоназначениот американски претставник за Гренланд, Џеф Ландри, рече дека е „чест да служи за Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави“.
„Го кажавме тоа и претходно, го повторуваме и сега. Јасно го кажавме и претходно. Го кажуваме повторно и сега. Националните граници и суверенитетот на државите се вградени во меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа премиерите во заедничка изјава, објави „Гардијан“.
Тие додадоа дека ова се фундаментални принципи. „Гренланд им припаѓа на жителите на Гренланд и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме да се почитува нашиот заеднички територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Претходно денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.
Портпаролот на ЕУ, Ануар Ел Ануни, исто така, реагираше на изјавата на Ландри, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитет на Кралството Данска мора да се зачуваат.
Трамп денес во објава на „Трут соушал“ изјави дека го назначил гувернерот на Луизијана, Ландри, за специјален претставник на САД за Гренланд. „Џеф разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапреди интересите на нашата земја во безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашите сојузници и, всушност, на светот“, рече тој.
Порано овој месец, данската Агенција за одбранбено разузнавање во својот годишен извештај изјави дека САД ја користат својата економска моќ за „наметнување на својата волја“.
На почетокот на својот втор мандат во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го стекне Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД, додека Данска, која ја контролираше арктичката територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд.
Ова не е прв обид на САД да го купат Гренланд од Данска; првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сјуард во 1867 година, кога договорот пропадна. САД понудија 100 милиони долари за територијата во 1946 година, сметајќи ја за витална за националната безбедност, но данската влада го отфрли.
Трамп, исто така, се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда во 2019 година.












