Даноците на имот играат значајна улога во националните буџети на европските земји, а влијаат врз пазарот на недвижности. Според пресметките на Европската комисија, просечниот удел на данокот на имот во БДП меѓу земјите членки на ЕУ оваа година изнесува 1,9%.

Иако тие претставуваат клучен извор на приход во некои земји, во други се наплаќаат минимално. Учеството на даноците на имот во БДП во 2023 година варирало од само 0,3% во Чешка и Естонија до дури 3,7% во Франција, додека просекот во ЕУ бил 1,9%. Обединетото Кралство е рамо до рамо со Франција на врвот на листата со удел од 3,7%, Белгија е трета со 3,2%, додека Шпанија е петта со 2,5%.

– Во апсолутни бројки, најголемите даночни приходи доаѓаат од Обединетото Кралство – дури 115 милијарди евра во 2023 година. Франција е многу блиску со 104,5 милијарди евра, Италија е трета со 45,3 милијарди, по што следуваат Германија (41,4 милијарди) и Шпанија (36,8 милијарди). На ниво на ЕУ, даноците на имот во 2023 година донесоа вкупно 318,8 милијарди евра приходи – според податоците на „Јуро њуз“.

Како што Македонија станува сè попривлечна за домашни и за странски инвеститори, запознавањето со најновите закони за данок на имот и правна регулатива е клучно за безбедни и информирани инвестиции. Така, во 2025 година, сопствениците на недвижности плаќаат годишен данок во износ од 0,10% до 0,20% од пазарната вредност на имотот. Воведена е и т.н. „луксузна такса“, која тројно го зголемува данокот за имоти кои не се користат или земјоделско земјиште што не се обработува повеќе од шест месеци годишно.

При продажба на недвижност, се плаќа данок на капитална добивка од 10%, кој се пресметува врз основа на заработката од продажбата. Покрај тоа, купувачите треба да пресметаат и дополнителни трошоци за нотар, регистрација и агенциски услуги (обично околу 2-3% од вредноста).

ИЗДВОЕНИ