Министерката за финансии смета дека проектираниот реален раст за 2026 година е 3,8 % и дека е реално остварлив, но сепак будно се следат состојбите на глобално ниво за да навреме се земат впредвид сите ризици.
– Затоа и буџетот за 2026 година не е проектиран со оптимистичко сценарио, туку би рекла напротив, доста внимателно, дури конзервативно. Во однос на даночните приходи, сметам дека тие ќе бидат остварени согласно планираното и тука нема ризици. Секогаш се водам од правилото дека на државава треба да ѝ се плати толку колку што ѝ следува, ниту повеќе, но ниту помалку – вели министерката за финансии.
Проектираниот реален раст од 3,8% за 2026 година е реално остварлив. Даночните приходи ќе се реализираат согласно планираното, а дигитализацијата е клучниот фактор во сериозно зголемување на ефикасното трошење на буџетските пари, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Проектираниот реален раст за 2026 година е 3,8 % и сметам дека е реално остварлив. Но, секако дека ги следиме состојбите на глобално ниво и ги земаме предвид сите ризици. Затоа и буџетот за 2026 година не е проектиран со оптимистичко сценарио, туку би рекла напротив, доста внимателно, дури конзервативно. Свесна сум дека во буџетот веќе не постојат резервни средства (бафери) кои би можеле да се користат во време на кризи, претходната влада искористи сè што беше останато за кризни ситуации, а не успеа да се консолидира како што го направија тоа соседните земји. Затоа и проекциите се многу внимателни – вели министерката за финансии.
Таа очекува годинава проектираниот номинален БДП да биде над очекувањата очекувања, што остава простор за следната година од аспект на изразување на јавниот долг и на дефицитот како проценти.
Во однос на даночните приходи, смета дека тие ќе бидат остварени согласно планираното и тука нема ризици.
– Нема да има промена на даноците. Тоа го ветивме и во предизиборната програма. Секогаш се водам од правилото дека на државава треба да ѝ се плати толку колку што ѝ следува, ниту повеќе, но ниту помалку. Токму од таа причина и ги отвораме законите, да ги додефинираме работите за да нема недоразбирања. Ќе дадам пример од Законот за ДДВ. Почнавме да го работиме пред повеќе од еден месец. На мое инсистирање почнавме да ги читаме сите членови од Законот и констатиравме дека основни работи напишани уште во 2000 година не се сменети, а создаваат забуна сите овие години – потенцира Димитриеска Кочоска.
За таа цел се вклучени експерти од консултантските куќи кои секојдневно се соочуваат со прашања на кои не можат да дадат прецизен одговор, а да се добијат подобри и попрецизни закони.
– На тој начин нема да може да се заобиколува системот и да се правдаат поединци со недоречености во законите. За жал, она што е столб на државава, а тоа се законите од областа на даноците, низ годините се менувани само со козметички измени. Сега е време ова да се промени. Нам ни треба прво да постигнеме сите да плаќаат даноци, а потоа да размислуваме за промена на даночните стапки – посочува Димитриеска-Кочоска и додава дека само дигитализацијата може да го намали сериозно неефикасното трошење на буџетските пари.












