На веб-страницата на Управата за јавни приходи е објавен нов дел со проширена база на знаење: прашања и одговори поврзани со даночните обврски. Целта на оваа алатка е да овозможи едноставен и брз пристап до точни информации за примената на даночните прописи, лесно достапни до секој обврзник – фирма или граѓанин.

Објавени се вкупно 260 прашања, поделени во три категории, согласно со видот на данокот: данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка (ДД).

– Оваа структура е осмислена за полесен и поефикасен пристап до информациите за секој даночен обврзник да може брзо да го пронајде потребниот одговор од УЈП за конкретни ситуации. Оваа база континуирано ќе се надградува, со цел постојано да обезбедува точни и релевантни информации, усогласени со најновите законски измени и со практичните примери од секојдневното работење. На овој начин, УЈП ги поддржува даночните обврзници да ги исполнуваат своите обврски навремено и точно, со што се намалуваат неизвесноста, ризикот од грешки и административниот товар – информираат од УЈП.

Активноста е реализирана согласно со Стратешкиот план на УЈП 2025–2027, кој во рамките на столбот „Даночни обврзници“ предвидува подобрување на комуникацијата и на транспарентноста со јавноста, јакнење на доброволната даночна усогласеност преку достапни и разбирливи информации, дигитализација на услугите и олеснување на пристапот до податоци преку електронски алатки, поддршка на деловната заедница и на граѓаните во правилната примена на даночните прописи, како и зголемување на довербата преку навремена и точна комуникација.

– Навременото и точно информирање е клучен фактор и за приходната страна на системот. Кога располагаат граѓаните и фирмите со точни податоци и јасни насоки, се зголемува степенот на доброволна усогласеност, се подобруваат стабилноста и предвидливоста на јавните приходи, се намалуваат административните интервенции и потребата од корекции, а институцијата гради високо ниво на доверба и партнерство со јавноста. Со воспоставувањето на оваа алатка, УЈП потврдува дека информираниот даночен обврзник ѝ е најдобар партнер на државата, а точната и достапна информација е основа за ефикасен, транспарентен и модерен даночен систем – потенцираат од УЈП.

ИЗДВОЕНИ