Во 2025 година е забележан значаен раст на јавните приходи, при што Управата за јавни приходи и Царинската управа остварија повисока наплата во државниот буџет споредбено со претходната година. При тоа, двете управи вбризгале во државната каса вкупно 6,566 милијарди евра.

Според УЈП, во националниот буџет се собрани 4 милијарди и 426 милиони евра од даноци и од социјални придонеси, што е 308,3 милиони евра повеќе од 2024 година. Даночните приходи изнесуваат 2,334 милијарди евра, со раст од 7,5 проценти, при што најголем придонес имаат приходите од ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен доход. Кај социјалните придонеси се евидентирани 2,092 милијарди евра, што, исто така, претставува раст од 7,5 проценти. Од УЈП посочуваат дека растот е резултат на навремената наплата и на доследната примена на законските мерки.

– Приходите од ДДВ се темелат на стабилниот раст на наплатата од прометот во земјата, при што во повеќе месеци е евидентиран пораст од 10 до 13 проценти во однос на тој период лани. Кај данокот на добивка, растот произлегува од повисоката даночна основица за аконтативно плаќање за 2025 година, како и од зголемената наплата на задржаниот данок од дивиденди и други приходи исплатени кон странски основачи и партнери, каде што е регистриран раст од над 30 проценти. Во делот на данокот на личен доход, најголемо учество има данокот на плати, кој бележи стабилен месечен раст и вкупно зголемување од над 10 %, додека значителен пораст е остварен и кај доходите од договорни услуги, земјоделството и самостојната дејност. Кај социјалните придонеси, резултатите се должат на навремената наплата, раното интервенирање и доследната примена на законските мерки, најавувајќи продолжување на активностите за ефикасно, правично и транспарентно собирање на јавните приходи и во 2026 година – потенцираат од УЈП.

Истовремено, Царинската управа во 2025 година наплати 131,6 милијарди денари, односно 2,14 милијарди евра, што е 105,1 милион евра повеќе во однос на 2024 година или раст од 5,2 %. Зголемување е забележано по сите основи, при што највисок раст има кај приходите од царина (15,5 %), данок на моторни возила (12,5 %), акцизи (5,9 %) и ДДВ при увоз (3,2 %).

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека на годишно ниво е забележан континуиран раст на приходите, при што највисок процентуален раст од 10,6 % е евидентиран во декември, со наплата од 190,2 милиони евра. Според Николовски, зголемената наплата значи и повеќе средства за капитални инвестиции, здравство, образование и за инфраструктурни проекти, кои ќе придонесат за одржлив економски раст.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ