– По положувањето на крстот и влегувањето на верниците, зголеменото ниво на реката бараше директно да се пуштиме во акција за извлекување на верниците. Дел од верниците ги извлековме заедно со колегите спасувачи и спасувачите од САЕ „Тигар“. Една мала група се издвои од толпата и се заглави во поставените безбедносни јажиња. Мојата првична работа беше завршена, бев излезен и чекав понатамошни инструкции. Во тој момент чекавме да биде прифатен последниот верник од страна на спасувачите што беа веќе во вода, но беше невозможно да пристапат, а помина подолг период. Добив инструкции да влезам и да го извлечам. Детето беше премрзнато и не реагираше на командите, но со напор успеав да го ослободам и да го качиме на чамец на САЕ. Потоа тоа беше преземено од нашите колеги од медицинскиот тим – раскажува Даниел.
Тој е спасувач веќе неколку години и има преземено повеќе интервенции, но, како што нагласува, спасувањето во река претставува предизвик и секогаш се води од мотото на Центарот на безбедност на вода: „Биди пример, биди спасител“

Најголем херој на Водици дефинитивно беше волонтерот од Црвениот крст, кој без размислување заплива кон момчето што беше заглавено во јажето, со главата под вода во реката Вардар. Станува збор за Даниел Раевски, волонтер во Црвениот крст. Тој скромно вели дека, за него, да се биде дел од Тимот за спасување најпрвин е чест, но и привилегија и не смета дека направил херојски чин, туку дека само си ја извршувал задачата.
– Во таков момент, кога спроведувате најбрза и, според вас, најправедна одлука, целта е една: да се спаси секој еден, без размислување за понатамошните последици. Јас не сметам дека сум направил херојски чин, туку само сакав да исполнам мојата задача на најдобар начин – тврди Даниел.
Во објава на „Фејсбук“, Игор Јакимовски напиша: „Неговата брза реакција во студените и надојдени води, тоа што навремено доплива до момчето и клучниот момент што го отплетка од јажето, беше вистинско херојство“.
Тој ги замоли сите да споделат за да се знае кој е херојот и, како што рече, „да се награди со орден“.
И градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, упати пофални зборови за момчето херој.
– Има нешто во тоа што е од Бутел, има и во тоа што порасна во таеквондо клубот „Бутел“, има нешто и што вежба сега во џудо-клубот „Радишани“, а најмногу има во тоа што е храбро, чесно и добро момче. За Водици спаси човечки живот. Браво, јунак! Браво, Даниел! – реагираше Костовски.
Даниел Раевски е студент на Факултетот за физичко образование спорт и здравје и има 22 години. Доаѓа од Бутел и е волонтер во Црвениот крст од својата 15. година. Дел е од Тимот за одговор при катастрофи – Центар за безбедност на вода од својата 17. година. Во моментов е демонстратор на затворени води. За весникот ВЕЧЕР, тој ја раскажа случката како успеа да спаси човечки живот на големиот христијански празник.
– Со ангажман на Водици започнав во 2022 година, како поддршка на постарите колеги во вода. Последниве години сум директен учесник во Тимот на вода, а Тимот на вода никогаш не е оставен сам од другите волонтери од тимовите за на планина, прва помош и за логистика. Секоја година е искуство за себе. Генерално, ги знаеме ризиците што го носи Вардар – вели Даниел.

Тој додава дека оваа година биле добро екипирани, но зголемениот водостој на реката барал поголема претпазливост и поддршка.
– По положувањето на крстот и влегувањето на верниците, зголеменото ниво на реката бараше директно да се пуштиме во акција на извлекување на верниците. Дел од верниците ги извлековме заедно со колегите спасувачи и спасувачите од САЕ „Тигар“. Една мала група се издвои од толпата и се заглави во поставените безбедносни јажиња. Мојата првична работа беше завршена, бев излезен и чекав понатамошни инструкции. Во тој момент чекавме да биде прифатен последниот верник од страна на спасувачите што беа веќе во вода, но беше невозможно да пристапат, а помина подолг период. Добив инструкции да влезам и да го извлечам. Детето беше премрзнато и не реагираше на командите, но со напор успеав да го ослободам и да го качиме на чамец на САЕ. Потоа тоа беше преземено од нашите колеги од медицинскиот тим – раскажува Даниел.
Тој е спасувач веќе неколку години и има преземано повеќе интервенции, но, како што нагласува, спасувањето во река претставува предизвик и секогаш се води од мотото на Центарот на безбедност на вода: „Биди пример, биди спасител“.
(А. П.)












