Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски (43), во саботата ноќта кон неделата бил киднапиран во Бетон хала во Белград, откако имал настап во кабарето „Лафајет“. Се претпоставува дека му се приближиле двајца странски државјани со нож и пиштол. Веста за киднапирањето ја потврди и неговиот македонски ПР тим.
-Веста дека Даниел Кајмакоски бил киднапиран ноќеска во близина на Бетон хала во Белград е точна. Зборував со Даниел пред малку, добро е. По ноќта помината во полиција, сега е дома. Она што можеме да го потврдиме е дека полицијата трага по непознатите сторители кои се странци, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил барајќи му 20.000 евра. Возеле накај Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да ги запре. Возилото удрило во банкина, киднаперите излегле од автомобилот и избегале. Даниел потоа поминал неколку часа во полициска станица, напиша на Фејсбук Миланка Рашиќ, која работи ПР за Кајмакоски.
Додава дека од она што го чула од Даниел во краткиот разговор, ѝ се чини дека многу смирено и храбро се соочил со киднаперите.

– Сега му е потребен мир и во интерес на полициската истрага нема да дава изјави. Им благодариме од срце на сите добри луѓе кои се јавија и се грижат за него, заврши Миланка Рашиќ.
Како што објавија српските медиуми, пак, кратко по киднапирањето на Кајмакоски, киднаперите наишле на полициска рација на улицата „Караѓорѓева“, по што следело потера откако возачот на бело „Волво XC 60“ не ја послушал наредбата на полицијата и почнал да бега во правец на Бранков мост.
Во потера веднаш биле вклучени МВР и ПУ за градот Белград. Координираната акција ја водела УКП, со поддршка на: САЈ и Жандармеријата, ССК (Служба за специјални истражни методи) и Сообраќајната полиција и УЗТ (Техничка управа).

За цело време, киднаперите држеле пиштол вперен во главата на пејачот и барале 20.000 евра за неговиот живот, заканувајќи се дека нивните соучесници, кои наводно веќе го следат неговиот стан, ќе им наштетат на неговата сопруга и деца, пренесе Телеграф.рс.
Откако ја поминал наплатната рампа Шимановци, притисокот на полицијата го принудила возачот да направи грешка. На исклучувањето за Рума, „Волвото“ удрило во заштитната банкина. Двајцата вооружени напаѓачи, користејќи ја темнината, избегале во непознат правец, додека припадниците на УКП го пронашле Кајмакоски врзан во оштетеното возило.
Како што додаваат од Телеграф.рс, теренот околу Рума моментално е под целосна блокада. Припадниците на САЈ и жандармеријата користат кучиња и најсовремена опрема за термичко снимање за да ги бараат бегалците кои, според жртвата, комуницирале на турски јазик. Вишото јавно обвинителство го оквалификувало случајот како киднапирање.

За случајот се огласила и неговата мајка Ружа Кајмакоска, која, според „Блиц“е видливо потресена од ситуацијата што се случила со нејзиниот син.
„Ви благодарам за прашањето. Се слушнавме. Важно е што е жив, а прерано е да се каже дали е добро“, рекла таа, додавајќи дека тоа е голем стрес за целото семејство.
„Во таква ситуација, човек најмногу се плаши за своите деца. Јас сум во шок“, рекла мајката на Кајмакоски за „Блиц“.
Даниел Кајмакоски е роден на 17 октомври 1983 година, а детството и младоста ги поминал во Виена. Регионална слава стекна во 2014 година со својот триумф во шоу програмата „Икс фактор“ (X Factor), каде негов ментор беше Жељко Јоксимовиќ. Подоцна двајцата го снимија дуетот „Скопје-Белград“. Следната година, 2015 година, Даниел ја претставуваше Македонија на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, откако победи на националниот избор, но не успеа да се пласира во финалето на Евровизија.











