Од Град Скопје, во свој препознатлив стил, вината за преполните контејнери и канти ја префрлија на ВМРО-ДПМНЕ, давајќи ги познатите образложенија. – Кандидатот Орце Ѓоргиевски, чија партија е власт во Советот на Град Скопје и целиот Управен одбор и Надзорен одбор на „Комунална хигиена“ се управувани од нивни кадри четири години, изјави дека ќе го сторел тоа за 72 часа, што значи можеле да го направат тоа секој момент во изминатите четири години. Наместо тоа, преку управните органи што ги раководат ВМРО и ВЛЕН, тие одлучија да ги урнисаат јавните претпријатија, блокираа одржување возила, спречуваа набавка на нови комунални возила, а сè со цел да се дефокусира од вистинските проблеми – нагласија од Град Скопје. Општинските градоначалници и понатаму го гледаат излезот од хаотичната ситуација со сметот во Скопје во тоа што ќе се потпираат на сопствените сили

 

И покрај реакциите на граѓаните и на градоначалниците на скопските општини, ниту Град Скопје ниту ЈП „Комунална хигиена“ сè уште не преземаат поинтензивни активности за да ја подобрат состојбата со насобраното ѓубре во и околу контејнерите и во кантите.

Очигледно дека Град Скопје нема намера ни во блиска иднина да мрдне со малиот прст. Оттаму не одговорија дали ќе преземат акција за чистење на градот, бидејќи состојбата со хигиената е очајна, ниту зошто не се собира сметот од контејнерите и од кантите на домаќинствата, иако скопјани плаќаат за тоа.

Нема одговор ниту на прашањето, иако скопската градоначалничка се изјасни дека може да се исчисти градот за седум дена, зошто не е сторено тоа досега или барем да се спроведе деновиве.

Градските власти ја префрлија надлежноста на ЈП „Комунална хигиена“.

– Одлуките ги носат членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на претпријатието, кои ги избира Советот на Град Скопје. За сите тековни редовни и вонредни работни активности согласно со годишната програма на претпријатието, одговори може да даде единствено правното лице, кое постапува согласно со тие утврдени надлежности, односно „Комунална хигиена“ – кратко одговорија од Град Скопје.

И во свој препознатлив стил, вината ја префрлија на ВМРО-ДПМНЕ, давајќи ги познатите образложенија.

– Кандидатот Орце Ѓоргиевски, чија партија е власт во Советот на Град Скопје и целиот Управен одбор и Надзорен одбор на „Комунална хигиена“ – Скопје се управувани од нивни кадри четири години, изјави дека ќе го стори тоа за 72 часа, што значи можеле да го направат тоа секој момент во изминатите четири години. Наместо тоа, преку управните органи што ги раководат ВМРО и ВЛЕН, тие одлучија да ги урнисаат јавните претпријатија, блокираа одржување возила, спречуваа набавка на нови комунални возила, а сè со цел да се дефокусира од вистинските проблеми – нагласија  од Град Скопје.

Општинските градоначалници и понатаму го гледаат излезот од хаотичната ситуацијата со сметот во Скопје во тоа што ќе се потпираат на сопствените сили.

Општина Аеродром продолжува со собирањето на комуналниот отпад на своја територија. Во средата таму биле собрани околу 15 тони комунален отпад (75 кубни метри), кои завршиле во „Дрисла“. В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, истакна дека градското комунално претпријатие, кое е платено за вршење на оваа работа, продолжува со опструкции и информираше дека е изготвена кривична пријава за загрозување на животната средина, која требаше да биде поднесена до Основното јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден.

– Ова стана прашање на достоинство, здравје и на иднина. Проблемот со сметот во Скопје трае со години. Како граѓани, редовно плаќаме, но услугата често недостига. Време е за поодговорен пристап и за заедничка грижа – заклучи тој.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека во средата хигиеничарите од Општината, со нова механизација за чистење, го собрале целиот смет од улиците во Центар. Општината обезбеди и дополнителна механизација за чистење.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ