Пред неколку дена и официјално заврши ЕМОФ 2025 (Европски младински фестивал), кој се одржа во Македонија и кој, за жал, повеќе ќе се памети по лошо отколку по добро.
И понатаму овој спортски настан на кој настапија околу 4.000 натпреварувачи од Европа е меѓу главните теми во медиумите. Реално, нема потреба веќе да се пишува за организацијата, каде што не се покажавме и, можеби, ќе дојде денот кога ќе им се стави крај на препкувањата чија била одговорноста околу организацијата: на Град Скопје, на МОК или, пак, на Министерството за спорт.
Македонските спортисти не се покажаа во вистинско светло, не освоија ниту еден медал, но во тоа море од незадоволство и критики има и нешто позитивно. За тоа се погрижи 15-годишната Далија Стојановска.
Иако живее во Унгарија, таа со гордост го носи македонскиот дрес, во кој се натпреварува во дисциплината маунтин бајк. Кога е во татковината, настапува за тимот Energy cycling team Skopje, а кога е во Унгарија, ги брани боите на Kobanya cycling team Budapest.
Далија е државен шампион на Македонија, а на ЕМОФ 2025 настапи во категоријата У-17, на патеката во Куманово. Постигнатиот резултат од еден час и десет минути не ѝ донесе медал, но таа имаше најдобар резултат меѓу сите балкански спортисти.
- Не можам да кажам дека сум задоволна од постигнатиот резултат, но сум задоволна од тоа како ја извезев патеката. Пред еден месец, настапив на државното првенство во Македонија, возев по истата патека, која не е толку тешка во споредба со другите во Европа. Сум возела во повеќе европски држави и, според мене, најтешка патека е онаа во Словачка – изјави Далија за дневниот весник ВЕЧЕР.
Голем број од натпреварувачите се пожалија на лошите временски услови, поточно на топлото време, но Далија откри дека топлината не влијаела толку на нејзиното возење.
- Точно дека голем дел од натпреварувачите се пожалија на временските услови, имаше и такви што не беа во состојба да ја завршат трката, што мораа да прават пауза, но мене не ми пречеше топлото време, јас сум навикната на вакви услови кога сум во Македонија. Не знам дали ако имаше подобри услови, ќе имав и подобар резултат, но тоа сега е минато и јас сум фокусирана на следните предизвици. За мене, секогаш ќе биде чест и гордост да настапувам за Македонија – додаде Далија.
Македонката, која живее во Унгарија, во 2023 година го освои второто место на Купот на Хрватска, кој се одржа во Самобор, беше прва на Училишната олимпијада во Унгарија и го освои второто место на Купот на Србија, кој се одржа во Фрушка Гора, во 2024 година. Исто така, во септември ѝ претстои Балканското првенство, на кое се очекува повторно да атакува на победа.
ФОТО: П. Стојановски
Затоа ќе биде подобро политичарите, службениците и спортските работници да им посветат повеќе внимание на младите таленти од нашата земја, истовремено да ги засукаат ракавите и најпосле да организираат нешто без да има кардинални пропусти и префрлање на одговорноста.
(М. С.)