Сè поголем број истражувања потврдуваат дека умереното консумирање кафе е добро за здравјето, а неодамнешна студија од Универзитетот Џонс Хопкинс покажува дека една шолја кафе дневно може значително да го намали ризикот од акутно оштетување на бубрезите.
Според податоците објавени во списанието „Kidney International Reports“, оние кои пиеле било каква количина кафе дневно имале 15 проценти помал ризик, при што најголеми намалувања се забележани во групата која пиела две до три шолји дневно, со намалување на ризикот од 22 до 23 проценти.
Дури и луѓето со коморбидитети, како што се висок крвен притисок, индекс на телесна маса (ИТМ) и дијабетес, имале 11 проценти помал ризик во споредба со оние кои никогаш не консумирале кафе.
Студијата заклучува дека поголемиот внес на кафе е поврзан со помал ризик од акутна бубрежна инсуфициенција и може да претставува можност за кардиоренална заштита преку исхрана.
– Веќе знаеме дека редовната консумација на кафе е поврзана со превенција од хронични и дегенеративни заболувања, како што се дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб – вели авторот на студијата д-р Чираг Парих, директор на Одделот за нефрологија и професор по медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот Џонс Хопкинс, како што објави Ифарсала.
Користејќи податоци од Студијата за ризик од атеросклероза во заедниците, тековна студија која ги следи кардиоваскуларните заболувања во четири американски заедници, истражувачите следеле 14.207 возрасни лица со просечна возраст од 54 години во голема студија базирана на популацијата.
Учесниците го евидентирале бројот на шолји кафе што ги пиеле дневно во текот на 24 години. За време на студијата, регистрирани се 1.694 случаи на акутно оштетување на бубрезите.
Според д-р Чираг Парик, кафето станува сојузник на бубрезите благодарение на биолошки активните соединенија во комбинација со кофеин, па дури и самиот кофеин, кои го подобруваат протокот на крв и поефикасното користење на кислородот во бубрезите.
Истражувачкиот тим истакнува дека адитивите како што се млекото, павлаката, шеќерот или засладувачите можат да влијаат на овој заштитен ефект и ја нагласува потребата од понатамошни истражувања за прецизно разјаснување на активните механизми што го прават кафето ефикасно во зачувувањето на здравјето на бубрезите, особено на клеточно ниво.
Кафето содржи широк спектар на соединенија
Според истражувачите, кафето, еден од најшироко консумираните пијалоци во светот, содржи широк спектар на соединенија, вклучувајќи:
кофеин
дитерпени
хлорогена киселина
Тие се целосно развиени по процесот на печење на зрната и имаат голем број здравствени придобивки.
Редовното консумирање кафе е поврзано со превенција од хронични и дегенеративни заболувања, вклучувајќи дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб.
Оваа студија на голема популација покажа дека поголемото дневно консумирање кафе е поврзано со помал ризик од развој на хронична бубрежна болест откако беа направени прилагодувања за демографски, клинички и диететски фактори.
– Затоа, редовната консумација на кафе има голем потенцијал да го намали ризикот од прогресивна бубрежна болест – се наведува во објавената студија.
Кофеинот значително ја менува функцијата на бубрезите
Најшироко проучуваното соединение во кафето е кофеинот, алкалоид на метилксантин и антагонист на аденозинските рецептори, кој значително ја менува бубрежната функција преку механизми со брзо дејство, вклучувајќи модификација на ренин-ангиотензин-алдостерон системот, базалниот проток на бубрежна плазма, хемодинамиката и натриурезата.
Кофеинот, исто така, ја инхибира реапсорпцијата на натриум во проксималните и дисталните бубрежни тубули, со што се зголемува екскрецијата на растворена супстанца и слободна вода, и се смета дека целосно ја инхибира локалната тубуло-гломеруларна повратна информација за да се зголеми дисталната испорака на натриум.
– Други помалку проучувани биоактивни соединенија во кафето, вклучувајќи хлорогени киселини, лактони на хлорогена киселина, п-кумаринска киселина, никотинска киселина, теобромин и тригонелин, исто така мора да се сметаат како потенцијално придонесувачки за заштитните ефекти на кафето врз бубрезите, бидејќи многу од овие полифенолни соединенија се моќни растителни антиоксиданси за кои е докажано дека го ублажуваат генерализираното воспаление и оксидативниот стрес, клучни фактори во развојот на акутна повреда на бубрезите. Поради овие причини, консумирањето кафе може да го намали и ризикот од развој на акутен миокарден инфаркт, наведуваат авторите на студијата.