Отако не го нашол црногорскиот комита Петар Звицер дома, жандармерискиот офицер Драгутин Кецмановиќ ги заклучил во куќата и ги запалил живи неговата мајка Анѓа (60), сопругата Загорка (23), сестрата Плана (20), братот Видак (13), како и трите негови деца на возраст од една, три и пет години. Тоа не му било доволно, па тој и неговите соучесници врзале 67-годишна жена за цреша близу куќата, за да гледа како горат нејзината снаа и трите внуци. Несреќната жена, по претрпениот стрес, го изгубила разумот и починала во ментална болница во Даниловград – пишуваат црногорските медиуми. Кецмановиќ за ова не одговарал, туку само бил преместен од Црна Гора
Дали злото е во гените? Ова прашање се наметнува откако деновиве црногорските медиуми обзнанија дека прадедото на малолетниот сериски убиец од Белград, Коста Кецмановиќ, пред точно еден век, исто така извршил масовно убиство.
Драгутин Кецмановиќ, роден во 1885 година во Читлук (БиХ), бил офицер во Австроунгарската војска, а по Првата светска војна ја продолжил својата служба како мајор во жандармерискиот полк во Цетинскиот Регион. Додека служел таму, ноќта меѓу 24 и 25 април 1924 година, го извршил едно од најбруталните злосторства во историјата на Црна Гора. Барајќи го црногорскиот комита Петар Звицер, кој се одметнал во планините, мајорот Кецмановиќ со уште еден жандармериски офицер влегол во неговата куќа во селото Рокочи, близу Цетиње, каде било целото семејство Звицер, но не и бараниот Петар. Сите ги врзале, а потоа ја запалиле куќата.
– Со оглед на тоа што не го нашол Петар дома, Драгутин ужасно го мачел неговото семејство. Ги заклучил во куќата и ги запалил живи неговата мајка Анѓа (60), сопругата Загорка (23), сестрата Плана (20), братот Видак (13), како и трите негови деца на возраст од една, три и пет години. Тоа не му било доволно, па тој и неговите соучесници врзале 67-годишна жена за цреша близу куќата, за да гледа како горат нејзината снаа и трите внуци. Несреќната жена, по претрпениот стрес, го изгубила разумот и починала во ментална болница во Даниловград – пишуваат црногорските медиуми.
Како што може да се прочита на Википедија, иако за ова злосторство во парламентот на Кралството СХС известиле пратениците на црногорската партија, д-р Секула Дрљевиќ и Саво Вулетиќ, против одговорните српски офицери не била поведена истрага, ниту, пак, имало судење. Идентитетот на мистериозниот „мајор Кецмановиќ“ долго време бил обвиен во тајност. Дури неодамна, благодарение на претходно скриени документи, историчарите фрлија светлина врз тоа кој бил џелатот. Неговото име повторно влезе во центарот на вниманието по трагичниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, што го изврши неговиот потомок Коста Кецмановиќ.
Драгутин Кецмановиќ е роден во 1885 година во Читлук, БиХ. Прво служел како капетан во австроунгарската војска, а во 1918 година, го презел раководството на тогашниот Цетински Регион, како командант на жандармерискиот полк на Зетската бановина, поточно Зетската дивизиска област. По злосторството што го извршил бил преместен од Црна Гора и воената кариера и семејниот живот ги продолжил во Вараждин, Љубљана, Белград, Сараево и Вршац. Во 1931 година повторно се вратил во Цетиње, каде што се пензионирал во 1934 година. Потоа се преселил во Белград, каде што ги поминал следните 36 години од својот живот и починал во 1970 година, на 85-годишна возраст.
Сто години подоцна, неговиот правнук, Коста Кецмановиќ, во 2023 година, како 13-годишник уби девет лица – чуварот и осум ученици во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, а рани неколку лица. Тој беше веднаш уапсен и оттогаш е во детска психијатриска клиника, а поради возраста што ја имал кога го извршил злосторството, не може да му се суди.