Ролеркостери, меѓу кои мини, детски и семеен, авантуристичка машина за вртење 360, адреналинска машина за летање се дел од реквизитите што треба да ги постави избраниот економски оператор во новиот забавен парк во Скопје, кој ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри. Град Скопје, конечно, распиша јавна набавка за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и придружни објекти.
– Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот влегува во нова фаза на урбана трансформација, која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации. Реализацијата на овој проект ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. Пред нас е изградба на ултрамодерен лунапарк, еден од најдобрите во регионот, направен според највисоки европски стандарди. Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водни атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава – истакна Ѓорѓиевски
Ролеркостери, меѓу кои мини, детски и семеен, авантуристичка машина за вртење 360, адреналинска машина за летање се дел од реквизитите што треба да ги постави избраниот економски оператор во новиот забавен парк во Скопје, кој ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри.
Град Скопје, конечно, распиша јавна набавка за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и придружни објекти.
Освен овие, ќе има и други реквизити на кои најмладите, заедно со своите родители, ќе може да се забавуваат и да го минуваат слободното време, релаксирајќи се од секојдневните обврски.
Во новиот лунапарк, кој со нетрпение и долго време го очекуваат скопјани, ќе има и мали авиончиња, децата ќе може да се возат и во шолји за чај, на панорамско тркало, на пиратски брод, вовче на шини, на кенгури, со балон, а и на рингишпил.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на „Фејсбук“ ја најави долгоочекуваната реализација на новиот лунапарк, која, како што истакна, е значајна инвестиција што ја заслужува Скопје.
– Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот влегува во нова фаза на урбана трансформација, која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации. Реализацијата на овој проект ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. Пред нас е изградба на ултрамодерен лунапарк, еден од најдобрите во регионот, направен според највисоките европски стандарди. Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водни атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава – истакна Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека ќе ѝ се посвети особено внимание на пристапноста, но и тоа лунапаркот да биде комплетно приспособен и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видеонадзор и со прва помош.
– На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде што семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде што ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена – заклучи Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека современите реквизити ќе создадат уникатна атмосфера што ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Според јавната набавка, заинтересираните економски оператори треба да ги достават своите понуди најдоцна до 13.1.2026 година во 10:00 часот, кога ќе се спроведе јавното отворање на понудите.
Избраниот економски оператор со најповолна понуда ќе биде должен да ги изведе работите што се предмет на јавната набавка во рок од 36 месеци по доставениот писмен налог за воведување во работа од страна на Град Скопје.
Лунапаркот беше затворен во 2017 година, кога Коце Трајановски беше градоначалник на Град Скопје. Тогаш почна изградбата на нов парк, беа купени неколку реквизити и беше подигната барокна капија. Со доаѓањето на Петре Шилегов, работите беа стопирани и беше најавен нов, поголем забавен парк со околу 20 дополнителни реквизити, меѓу кои токму панорамско тркало, ролеркостер, тајфун и пиратски брод, со капацитет за околу 3.000 посетители дневно и проценета вредност од околу 12 милиони евра. И покрај распишани тендери и студија од италијанско студио, проектот остана само на хартија.
Во мандатот на Данела Арсовска, јавноста повторно слушаше ветувања дека старите реквизити ќе бидат ставени во функција до изградбата на новиот парк, но теренската слика остана иста: затворена капија, запуштени реквизити и див забавен парк кај салата „Борис Трајковски“, кој работеше без дозволи и беше предмет на полициски и на инспекциски контроли.
Скопје веќе осум години е без функционален лунапарк, иако Град Скопје плати за проект што не е реализиран.
(А. П.)












