Директорот на Пензискиот фонд, Никола Мемов, изјави за весникот ВЕЧЕР дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат. Тој, сепак, не очекува дека ќе се донесе одлука за укинување на покачувањето, затоа што смета дека усогласувањето е направено согласно со закон. Мемов појаснува дека сумата предвидена за 2025 година за усогласување на пензиите е иста и тие пари им се поделени подеднакво на сите пензионери (два пати по 2.500 денари). Тој смета дека тоа е праведна поделба со оглед на тоа што се однесува на ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите. Мемов потсети дека е предвидено за март в година зголемување на пензиите од 1.000 денари, како и законско усогласување, кое треба да се направи во септември 2026 и кое е предвидено помеѓу три и пет проценти
Дали Владата ќе им ги земе на пензионерите од џеб парите од линеарното зголемување на пензиите во вкупен износ од 5.000 денари, е дилемата кај армијата пензионери по одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста дали е оправдано линеарното зголемување на пензиите. Од Судот истакнаа дека се сомневаат дека се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност со членот 2 од последните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 1 септември годинава, со кои се воведе линеарно зголемување на пензиите.
Директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов, изјави за весникот ВЕЧЕР дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат. Тој, сепак, не очекува дека ќе се донесе одлука за укинување на покачувањето, затоа што смета дека усогласувањето е направено согласно со закон.
– На уставните судии е последниот збор и тие ќе кажат дали ќе го укинат или не. Ќе чекаме Уставниот суд да донесе одлука. Каква и да биде, ќе ја задолжи Владата да ја спроведе, бидејќи таа е носител на овие законски измени, преку ресорното Министерство. Јас лично не очекувам дека ќе биде донесена одлука за укинување на линеарното покачување, бидејќи врз основа на закон се направи усогласувањето, значи се замени законот со нов закон. Сепак, да ја почекаме одлуката на Уставниот суд, па потоа ќе видиме што и како – истакна Мемов.
Тој вели дека мерката за линеарно зголемување ја донесе Владата на барање на пензионерите.
– Вкупниот буџет за усогласување на пензиите практично е ист. Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 година за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1.000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите – појасни Мемов.
Кога се зборува за пензискиот систем во Република Македонија, Мемов смета дека е многу битно да се биде прецизен.
– Мора да се прецизира на што се однесуваат трансферите што се прават од државата кон Пензискиот фонд. Вкупно за 2025 година се планирани исплати на трансфери од 53 милијарди денари или преведено во евра, тоа се приближно околу 862 милиони евра и тие транзициски трошоци, односно трансфери од Владата кон ПИОМ, не се однесуваат само на исплатата на пензиите туку и на исплатата за здравственото осигурување на пензионерите и за транзициските трошоци кон вториот столб. Така што буџетскиот дефицит во ПИОМ, односно во државата, се однесува на овие три основни компоненти – рече тој.
Мемов потсети дека за во март 2026 година е предвидено зголемување на пензиите од по 1.000 денари и, исто така, законското усогласување, кое треба да се направи во септември 2026 и кое е предвидено помеѓу три и пет проценти.
Тој смета дека зголемувањето на пензиите од 1.000 или од 2.000 денари е доволно за ублажување на ценовните шокови и потсети дека вкупното зголемување на пензиите во изминатиот период било 25 проценти. Тој појасни дека во Македонија имаме социјалносолидарен систем.
– Разликите кај пензионерите, ова е мое лично размислување, кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија. Вие сте уплаќале повеќе и имате поголема пензија на денот на пензионирањето, јас сум уплаќал помалку во Фондот и имам помала пензија. Ова зголемување на пензиите, односно усогласувањето, се однесува на намалување на ценовниот шок, разликите во платите и инфлацијата. Инфлацијата или зголемувањето на цените е исто и за вас и за мене. Така што животниот стандард станува поскап за сите пензионери подеднакво. Разликите остануваат во делот на денот на изготвувањето на решението за пензија и овој концепт, можам слободно да кажам, е исправен и праведен, затоа што концептот на пензискиот систем во Македонија е социјалносолидарен – рече Мемов.
За финансиската кондиција на Фондот, Мемов посочи дека Владата ја гарантира исплатата на пензиите.
– За 2026 година, предвиден е буџет во Фондот за ПИОМ од 152 или 153 милијарди денари. Тоа е речиси половина од вкупните приходи што ги има државата во буџетот за 2026 година. Кога велам дека Владата ја гарантира исплатата на пензијата, мислам на тоа дека Владата ја гарантира исплатата на покачените пензии, што во март идната година ќе биде со вкупна вредност од 7.000 денари секој месец и за исплата на овие пензии, Владата за следната година определува 63 милијарди денари трансфери за да може редовно да се исплаќаат и пензиите, да се исплаќаат редовно здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб – потенцира Мемов.
Во однос на подобрувањето на финансиската состојба во Фондот, директорот Мемов смета дека државата мора да обезбеди стабилен економски раст и отворање нови работни места.
– Државата почива на пет основни столба: политички систем, каде што се целата државна управа и правосудниот систем; економски систем, реалниот бизнис-сектор; безбедносен систем, каде што влегуваат војската и полицијата; здравствен систем, кој го опфаќа целото население и пензиски систем, кој опфаќа 2/3 од населението и речиси половина од буџетот што ги уплаќаме ние како осигуреници. Мора да се гледа големата слика, а таа вели: не може да се стабилизира еден од овие столбови без да има влијание меѓу нив. Поврзани се. Стабилизацијата на пензискиот систем значи и стабилизација на здравствениот систем, значи стабилизација на економскиот систем. Не може вие да ги зголемите придонесите за пензиско осигурување без соработка со бизнис-заедницата и со стопанските комори – потенцира Мемов.
Пензионерите ќе добиваат дополнителна плата, придонесите ќе одат на заедничка сметка во Фондот за ПИОМ
Директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов, на прашањето дали ќе можат пензионерите дополнително да работат, вели дека се размислува за тоа, а работодавците се расположени да ангажираат пензионери што се од различни профили и се дефицитарен кадар.
– Законот овозможува професорите и докторите да работат до 67 години, но ова повеќе е насочено кон приватниот сектор и работодавците се расположени да го финансираат оваа. Значи, пензионерите да добиваат дополнителна плата. На таа плата да бидат плаќани придонеси што ќе дојдат на некоја заедничка сметка во Фондот за пензиско, без да имаат какво било влијание понатаму на висината на пензијата, бидејќи придонесите се уплаќаат на лична сметка, на лично име – вели Мемов.
Уставниот суд ќе испитува дали е оправдано линеарното зголемување на пензиите
Уставниот суд се сомнева дека се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност.
– Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување). Со оспорениот член 2, правото на редовно месечно усогласување на пензиите и пресметките направени врз основ на порастот на платите и трошоците на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварена висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес – соопштија од Уставниот суд.
Во деталното образложение оттаму посочуваат дека Судот го имал предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со остра преписка со уставните судии, особено посочувајќи на судијката Добрила Кацарска, која е известител по предметот, затоа што на нејзина иницијатива Судот ќе го разгледува спорниот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите.
Од Уставниот суд предупредија дека јавното дисквалификување за постапувањето во овој случај директно ги напаѓа интегритетот, самостојноста и независноста на судијата известител Добрила Кацарска, како и на целата институција. Во реакцијата, Судот ги квалификува како недозволиви тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемувањето на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“. Според Уставниот суд, ваквите тези создаваат погрешна перцепција за работата на институцијата.
(С. Бл.)












