Државата нема овој пат да интервенира со мерки за замрзнување на цените во маркетите пред претстојните новогодишни и божиќни празници, како што беше со ланската новогодишна кошница. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, смета дека се следат цените, дека се изречени глоби за непочитување на Законот за нефер трговски практики. Во овој закон ќе се интервенира со повеќекратно зголемување на глобите, со цел поголемо удирање по џебот на трговците за да има поголемо почитување на законот

Државата нема овој пат да интервенира со мерки за замрзнување на цените во маркетите пред претстојните новогодишни и божиќни празници, како што беше со ланската новогодишна кошница. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, смета дека се следат цените, дека инфлацијата горе-долу е стабилизирана и е со благ пад.
– Засега нема да има мерки. Доколку утврдиме дека има некакви непазарни, нелогични зголемувања на цените, понатаму ќе размислуваме со какви мерки ќе интервенираме како влада и министерство – вели Ристески.
Тој посочи дека од Комисијата за заштита на конкуренција (КЗК) која го следи спроведување на Законот за нефер трговски практики, добил сознанија дека од нивна страна изрекле 30 налози за глоба и тие постапки се пред Управен суд.
– Која ќе биде висината на глобите изречени за непочитување на овој закон за нефер трговски практики и наскоро треба да очекуваме од Управниот суд да има конечни пресуди. Во овој период има многу повеќе пријави од страна на добавувачи кои многу повеќе се охрабрени отколку на почетокот кога стартуваше Законот за нефер трговски практики. Очекувам дека и во иднина ќе имаме уште повеќе вакви пријави добавувачи кои се уценети од страна на трговците – нагласи Ристески.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), годинава има направено преку 20 илјади редовни инспекциски надзори во сите трговски субјекти ширум државата. Ристески вели дека се изречени казни за непочитување на законите, посебно за непочитување на пазарното однесување на одредени трговци и маркети во однос на подигање на цените и непочитување на претходните мерки.
– Изречени се казни во вкупна вредност од 150 милиони денари, што е околу 2,5 милиони евра, пари што се слеани во буџетот на државата, токму од тие казни што ги спроведуваше ДПИ – вели Ристески.
Со цел да се натераат трговците да го почитуваат Законот за нефер трговски практики, Ристески најавува дека ќе има интервенции во законското решение, во насока на зголемување на глобите.
– Во овој период увидовме и ќе настојуваме наредната година да има одредени технички промени во Законот за нефер трговски практики. Една од промените ќе биде повеќекратно зголемување на глобата бидејќи највисоко утврдената глоба сега изнесува 20.000 евра, што ја сметам за мал минимален износ, посебно за поголемите синџири на маркети кои многу лесно можат да ја платат. Очекуваме ова како предлог да го дадеме на почетокот на наредната година да биде усвоено од Владата и од Собранието за да може да се спроведува од наредната година. Кога ќе имаме повисоки казни и поголемо удирање по џебот на трговците, ќе имаме поголемо почитување на законот – вели Ристески.
Тој најави дека во иднина ќе се изработува еден стандардизиран софтвер кој ќе биде поделен на трговците и на маркетите за транспарентност на цените и кој ќе треба редовно да го ажурираат.
– Со тој софтвер, секој граѓанин ќе може, во зависност од местоположбата на живеење, да си креира сопствена кошничка и по пат на вештачка интелигенција да изнајдува каде ги има најевтините производи во околината каде што живее или пазари и да си направи сопствена најевтина кошничка. Мислиме дека тој начин на дејствување ќе придонесе за пазарната економија и за нормализирање на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните – нагласи Ристески.
Сојузот на стопански комори беше казнет со 2.000 евра за откриеното картелско здружување на четири компании, членки на ССК. Претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски, рече дека е платена само дел од казната.
– Тоа е причината што имаше расчистување во комората и поради што веќе два месеца сум нов претседател на ССК. Имаме многу поквалитетен управен одбор и очекуваме да одиме во насока на додадена вредност и да се работи и во интерес на бизнисот и во интерес на државата – рече Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека компаниите се обидуваат да ги задржат вработените, да не заминат по западните земји.
– Но, има граница преку која не може да се оди со платите. Не може компаниите да се доведат во ситуација да го загрозат нивното опстојување. Затоа се случува да почнуваат да бараат работници од далечните источни земји. Имаме околу 10 илјади луѓе од далечните земји кои се вработени овде. Ние од ССК сме на став дека вработените треба да останат тука, но мора да се постигне баланс – не може цело време да се кажува за покачување платата, и да се донесат компаниите на своите плеќи да го носат тој товар – рече Ѓорѓиевски.
Прашан за корекција на минималната плата на 500 евра како што бараат од Сојузот на синдикатите на Македонија, Ристески повтори дека Владата ќе го почитува она што ќе го договорат синдикатот и работодавачите.
– Очекуваме да се договорат, и барањата на синдикатите и потребите и интересот на работодавачите да биде синхронизиран, со цел постојано да ја задржуваме и да ја подобруваме економијата. Ниту еден договор да не е штетен, ниту да биде против економијата бидејќи сите знаеме дека имаме кревка економија, а сето тоа понатаму влијае на животниот стандард, на економскиот пораст и на БДП – рече Ристески.
(С. Бл.)












