Топланите во Скопје со кои управува „ЕСМ Производство на топлина“, користат исклучиво природен гас како примарно погонско гориво во процесот на производство на топлинска енергија. Но, топланите можат да работат и на алтернативно гориво – мазут кој од претходната власт беше забранет за употреба како високозагадувачки енергенс.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за енергетика во Собранието, Бојан Стојаноски, во телевизиско гостување истакна дека АД ЕСМ писмено побарале од Владата да може да ги користат државните резерви на мазут, затоа што не можат да го набават овој енергенс од Грција поради честите блокади на границата од страна на тамошните земјоделци.
ЕСМ со допис до Владата побарале да се прогласи кризна состојба на пазарот на електрична енергија и по него ќе се одлучува на владината седница во вторник. Стојаноски вели дека доколку Владата одлучи да прогласи кризна состојба, Парламентот ќе го одобри.
– Еден од најглавните енергенси за производство на струја, но и на топлинска енергија, е мазутот. Исто така, конзумот што го има Грција како држава го исполнува Бугарија заради национализација на нивната институција која произведува ваква енергија. Исто така и проблемот со Србија. И оваа кризна состојба се бара за да се даде можност Владата да ги отстапи државните резерви на компанијата за да може да произведува струја и топлинска енергија, додека не се реши проблемот со граничниот премин, кој е проблем што го има Република Грција заради протестите на земјоделците – истакна Стојаноски.
Се очекува блокадите на грчките земјоделци да се засилат во наредните денови.
Во јануари годинава, АД ЕСМ имаше еден неуспешен обид за набавка на резерви на 11 илјади тони мазут со намера да ја исполни законската обврска во текот на годината и да обезбеди резерви на алтернативно гориво – мазут, во количество што е потребно за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет. Тогаш од АД ЕСМ образложија дека тоа е согласно со Законот за енергетика.
Овие количества мазут, како што појаснија тогаш од АД ЕСМ, не се купуваат и не се складираат, туку треба само да се потпише рамковна спогодба со добавувач кој би ги ставил на располагање како алтернативно гориво за топланите во случај да нема природен гас, а со цел корисниците да не останат без греење.
– Согласно си објавениот оглас, друштвото планира да додели рамковна спогодба со избраниот добавувач, односно го задржува правото да набавува количества мазут согласно со тековните потреби, односно да не набави воопшто доколку се покаже за непотребно. Во техничките спецификации за предметот на набавка во тендерската документација е дефиниран стандардот кој мазутот треба да го задоволува, согласно со барањата на домашната регулатива, како и индикативните количества кои би биле потребни за максимален режим на работа на топланите за 15 дена – истакнаа тогаш од ЕСМ.
Но, на јавниот повик не беше доставена ниту една понуда. Следниот месец, пак, АД ЕСМ се откажа од купување на мазут како гориво за работа на скопските топлани „Исток“ и „Запад“ откако од Владата доби уверување ако има потреба, количествата да ги добие од задолжителните државни резерви на нафтени деривати. Владата, при крајот на 2024 година, донесе одлука, без надоместок да му отстапи на ЕСМ 10.788 тони мазут, при што транспортните и манипулативните трошоци, како и трошоците за акциза и данокот на додадена вредност, паѓаат на товар на компанијата.
Во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, топланите може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба е потребна согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Скопјани се загрижени дека мазутот ќе почне да се користи како гориво за скопските топлани во услови на висока аерозагаденост во главниот град.
– Покрај сопственото производство во своите топлани, „ЕСМ Топлина“ во системот може да користи и топлинска енергија произведена од гасната централа ТЕ-ТО АД која е приватна (независна) компанија, но заради заеднички интерес, двете страни имаат договор за соработка. Зошто не се примени и оваа година, наместо да се користи мазут? – прашуваат скопјани.
Последиците од согорувањето на мазутот и емисиите на отпадните гасови и честички се очигледни: многу загаден воздух штетен за здравјето на граѓаните, зголемена концентрација на ПМ-10 и ПМ-2,5 честички. Бидејќи мазутот е фосилно гориво, со негово согорување се зголемуваат емисиите на СО2, најголемиот причинител на климатските промени.
Инаку, АД ЕСМ за јануари 2026 година купи струја од ТЕ-ТО во вредност од преку 12 милиони евра. Цената за мегават е околу 119 евра.
(С. Бл.)












