Во соработка со режисерката Ана Јакимска и со фотографот Александар Чокревски, јавното претпријатие „Лајка“ ја почнува кампањата „Дали си ти мојот дом?“, посветена на вдомувањето на долго задржаните кучиња, кои со години го чекаат својот човек.
– Кампањата, преку моќни фотографии, ги прикажува кучињата во топли, секојдневни сцени, моменти во кои недостига само еден елемент за да биде сликата целосна: новиот сопственик што ќе им подари љубов и дом – информираат од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека овие кучиња не се бројки, туку личности со свои приказни, емоции и надежи.
– Со оваа кампања сакаме да допреме до срцата на луѓето и да им покажеме дека во секој дом има место за уште еден член, особено за оној што најмногу чека. Преку „Дали си ти мојот дом?“, јавноста ќе има можност да ги запознае најдолго задржаните штитеници на „Лајка“, да ја види нивната нежна страна и да дознае како да им подари нов почеток – објаснуваат од претпријатието.