Увозот на работна сила од источноазиските земји ја разбранува јавноста. Не стивнуваат реакциите по одлуката на Владата за увоз на 10 илјади странски работници за задоволување на потребите на пазарот на трудот. Овие работници се неопходни за потребите во градежништвото, индустријата, угостителството… но, сепак, стравувањата се оправдани, бидејќи странската работна сила врши притисок на платите, а и долгорочно може да доведе до промена на структурата на населението. Поголем дел од граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека во услови кога има околу 100 илјади невработени во Агенцијата за вработување, апсурдно е да се вработуваат странци. Други, пак, сметаат дека со ваквите политики се бркаат и оние млади што сè уште се тука и прашуваат зошто наместо да се зголемат платите на домашните, се увезуваат работници од Непал, Бангладеш, Индија, Пакистан…
Економските експерти, пак, со одговор дека е неопходен увоз на работна сила во услови кога има дефицит во Македонија за одредени работни позиции, особено за градежни работници, работници во ниско и во високоградбата, занаетчии…
– Треба да се испита состојбата во Агенцијата за вработување, бидејќи овој број од 90 илјади невработени не е реален. Друг проблем е што кај нас сите се борат да работат во државната администрација, а не сакаат да работат во приватниот сектор и покрај тоа што се поголеми платите. Во приватниот сектор, оној што работи добро, добро е платен. Од друга страна, досегашното искуство покажа дека работниците од Пакистан, Непал, Бангладеш… се многу посветени, вредни и поконкурентни од нашите работници. Освен тоа, ако не си задоволен од работата на странскиот работник, имаш можност да го замениш, односно да го отпуштиш од работа и да побараш друг работник – изјави за весникот ВЕЧЕР Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на стопански комори.
Податоците со кои располага бизнисот покажуваат дека во државата има вкупно 300 илјади работници во државната администрација, од кои 100 илјади или една третина се вишок. Овие работници може да се искористат за потребите на приватниот сектор, но тие не сакаат да работат во приватниот сектор. Работодавците се децидни дека кај нас секој сака да клати врата и да зема плата. Истовремено имаме 330 пензионери, 700 илјади во приватниот сектор и околу 300 илјади млади до 18 години. Тоа значи дека овие 700 илјади вработени работат за другите еден милион.
Ѓорѓиевски смета дека и во иднина ќе продолжи практиката на увоз на работна сила, бидејќи ова решение се покажало како добро. Работодавците се задоволно од нив биејќи се вредни и посветени, а тие се задоволни од условите што нашите работодавци им ги нудат.
И Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека најдобро решение е активирање на домашната работна сила, но додава дека и покрај огласите, невработените не се јавуваат за работа.
– Не може некого сосила да го натераш да прифати одредена работа. Од друга страна, дел од лицата што се пријавуваат во Агенцијата за вработување како невработени или работат на црно или добиваат социјална помош, па затоа им одговара статусот на невработени. Проблем е што на огласите за преквалификација и доквалификација не се јавува никој. Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување мора да направат анализа кај се тие луѓе и зошто не се пријавуваат на огласите. Секако дека е подобро да ги обучиме нашите невработени отколку да увезуваме работници однадвор – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека работодавецот е должен однапред да им обезбеди на странските работници стан каде што ќе престојуваат, а киријата се регулира со договорот за работа. Така, во некој случаи киријата ја плаќа работодавецот, а во некои работникот и во тој случај добива повисока плата.
Инаку, во поголем дел од источноазиските земји, од каде што доаѓаат работниците, има далеку пониски плати од Македонија, односно платите се движат од 100 до 200 евра месечно. Поради тоа, експертите коментираат дека, за нив, и Македонија е Запад.
На зголемувањето на квотата реагираше и опозицискиот СДСМ. Од партијата обвинуваат дека ова се поклопува со пишувањето на британските медиуми за договори за доаѓање мигранти во Македонија, а Владата отвора врата за масовен увоз на таканаречени економски работници, на штета на домашниот стандард. Според нив, апсурдно е да се носи ваква одлука во земја со речиси 100 илјади невработени.
(А. С.)












