Шпанскиот оператор REE откри големи флуктуации на напонот во системот во текот на изминатите две недели што би можеле да влијаат на снабдувањето со електрична енергија, покажува документ испратен до регулаторот на пазарот CNMC, во кој се прават споредби со прекините во текот на пролетта, пренесе „Хина“.
Операторот побара итни технички промени за да се избегне повторување на априлските „затемнувања“. Регулаторот вчера најави јавна консултација во наредните денови за итно усвојување привремени мерки за стабилизирање на системот додека не се најде потрајно решение.
„Според информациите доставени до CNMC од страна на операторот на системот, ненадејните флуктуации на напонот регистрирани во текот на изминатите две недели би можеле да предизвикаат прекини што би го дестабилизирале електроенергетскиот систем“, се вели во соопштението.
Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSOE) откри дека прекинот на Иберискиот Полуостров во април, за прв пат во историјата, му претходел ненадејно зголемување на напонот, според делумните резултати од анализата објавена кон крајот на минатата недела.
Прекинот во снабдувањето со електрична енергија во Португалија и Шпанија беше „најсериозниот инцидент во европскиот електроенергетски систем во последните повеќе од 20 години и имаше големо влијание врз граѓаните и општеството како целина“, се вели во извештајот.
ENTSOE планира да објави целосен извештај во првиот квартал од следната година и да го достави до Европската комисија и земјите-членки на ЕУ.