САД и ЕУ постигнаа трговски договор, кој предвидува царините да изнесуваат 15 наместо претходните 30 проценти. Како дел од договорот, ЕУ се обврза на дополнителни инвестиции во САД, во износ од 600 милијарди долари и на купување енергија во вредност од 750 милијарди долари. Поради тоа, поголем дел од економските експерти веднаш излегоа со ставот дека и покрај намалената царина, овој договор не е добар за ЕУ, бидејќи е условена. Но, се поставува прашањето како ќе влијае оваа царинска стапка на македонскиот извоз со оглед на фактот што сме во преговори за слободна трговија и голем дел од нашите производствени капацитети, преку компаниите во ЕУ, извезуваат во САД.
Според економските експерти, овој договор не ја погодува многу македонската економија со оглед на тоа што 90 отсто од македонскиот извоз е во ЕУ. Освен тоа, ако се гледа структурата на извозот, ќе се види дека Македонија извезува во САД челични лимови и други полупроизводи, кои немаат голема додадена вредност. Дел од економските експерти сметаат дека дека доколку остане оваа царинска стапка, ќе се намали конкурентноста на македонските производи, кои ќе бидат поскапи на американскиот пазар. За други, пак, фактот што преговара Македонија за договор за слободна трговија со САД може да биде стратешка предност. Доколку дојде до договор, македонските производи би можеле да влезат на американскиот пазар со нулта царини и можат да бидат поконкурентни од европските.
Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист и очекува убави вести од преговорите за царините со САД. Тој соопшти дека претставниците на македонските институции досега имале три рунди преговори со институциите во рамките на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, во однос на царините за извоз во САД.
– Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји и очекувам убави вести за македонските граѓани, македонските извозници во САД. Да почекаме да дојде веста од Вашингтон – рече Мицкоски и додаде дека неговите очекувања се да биде завршен целиот процес оваа недела. Последната од трите рунди преговори за царините била одржана во петокот, 25 јули. Во однос на договорот меѓу САД и ЕУ, тој ја поздрави одлуката и рече дека ако е задоволна Унијата од овој договор, а, очигледно, таква беше изјавата на претседателката на ЕК, тогаш и ние сме задоволни.
Економскиот аналитичар и универзитетски професор Синиша Наумовски изјави за весникот ВЕЧЕР дека царината од 15 отсто што ја воведува ЕУ во договор со САД нема директно да ја погоди Македонија, но индиректно може да има влијание, особено ако се работи за производи поврзани со металската или со автомобилската индустрија, каде што македонски компании се дел од европските синџири на снабдување.
– Тоа може да доведе или до пад на побарувачката или до нови можности ако станеме поповолна алтернатива. Имено, ако се однесува новата царина, на пример, на металите, електричните уреди или на автомобилите и ако македонски компании се дел од синџирот на снабдување за ЕУ или за САД, тогаш зголемувањето на цената поради царините може да влијае на побарувачката за македонскиот извоз. Ако германскиот извоз на автомобили во САД стане поскап поради царината, производителите може да ги намалат порачките од македонските набавувачи. Од друга страна, пак, доколку европските компании бараат поевтини алтернативи надвор од ЕУ, македонските фирми би можеле да добијат конкурентска предност ако немаат дополнителна царина – изјави Наумовски за весникот ВЕЧЕР.
Тој појаснува дека фактот што преговара Македонија за договор за слободна трговија со САД може да биде стратешка предност. Доколку дојде до договор, македонските производи би можеле да влезат на американскиот пазар со пониски или нулта царини, за разлика од дел од европските. Тоа би ја зголемило конкурентноста на нашите извозници и би можело да привлече странски инвеститори.
– Со оглед дека околу 90 отсто од македонскиот извоз оди во ЕУ, воведувањето царини од САД има ограничено директно влијание врз нашата економија. Сепак, ако царините ги погодат европските производи во кои учествуваат македонски компании преку синџирите на снабдување, на пример, во автомобилската или во металската индустрија, тогаш индиректно може да се почувствува ударот – смета Наумовски.
За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, договорот е капитулација на ЕУ, поради фактот што се обврза да купува нафта, енергенси и оружје.
– ЕУ моментално увезува енергија од Америка, во вредност од околу 75 милијарди евра годишно. Сега, со договорот, се предвидува да се зголеми тоа тројно, одеднаш. Тоа ја става Европа целосно во дланката на Америка. Кога започна војната во Украина, сите зборуваа дека ЕУ е премногу зависна од Русија, бидејќи увезува околу 40 отсто од гасот оттаму. Сега, ЕУ се согласува да увезува 60 отсто од сите свои енергенси од Америка. ЕУ моментално има суфицит во трговијата со производи со Америка од околу 200 милијарди евра. Ако помине ова со енергенсите, ќе има дефицит од 50 милијарди евра. Што се однесува до Македонија, последиците, исто така, ќе бидат негативни, преку послабата економска активност на ЕУ. Договорот ќе го забави растот во ЕУ, а тоа неминовно ќе го забави растот и во Македонија – изјави Јовановиќ.
Економските податоци го потврдуваат ова. Американскиот БДП во првиот квартал падна, европскиот порасна повеќе отколку што се очекуваше. Еврото зајакна во однос на доларот за повеќе од 10 отсто откако Трамп првпат ги објави царините во април. По овој договор, само за еден ден, еврото падна повеќе од 1 отсто. Паднаа и европските берзи, а американските пораснаа.
– ЕУ почувствува како е да бидеш уценет. Договорот е, секако, на штета на ЕУ. Водечките економисти во ЕУ сметаат дека е лош договорот со САД и дека требало да се направи подобар договор. Со зголемените давачки, конкурентноста на ЕУ-производите во САД ќе се намали, а со тоа и побарувачката на производи од Македонија. Поради тоа, Македонија мора да бара нови пазари или нови производи, кои ќе бидат конкурентни на европскиот пазар – смета аналитичарот Синиша Пекевски.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека и покрај тоа што царинската стапка од 15 отсто е пониска од првичната, која изнесуваше 30 отсто, сепак, договорот не е добар за ЕУ.
– Македонија не е засегната многу, бидејќи главниот пазар ѝ е Европа. И да ги тргне САД целосно царините за Македонија, тоа, за нас, ќе биде малку значајно, со оглед на тоа што 90 отсто од македонскиот увоз е на европскиот пазар, од кои 50 отсто во Германија. Сепак, сметам дека САД нема да навлегуваат во посебни трговски преговори со помалите земји, како Македонија, Косово, Црна Гора… туку ќе стават една унифицирана тарифа за сите. Тие се многу мал дел од она што го увезуваат САД, кои многу лесно може да најдат замена за тие производи и да ги увезуваат од трети земји – смета Узунов.
Други експерти што ги контактираше весникот ВЕЧЕР, исто така, сметаат дека ќе се намали конкурентноста на македонските производи, кои ќе бидат поскапи на американскиот пазар.
(А.С.)