– Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано, сметаат уставните судии. Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 беше отворена и на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски изнесе обвинувања нагласувајќи дека преку судијката Добрила Кацарска, СДСМ врши опструкции со линеарното покачување на пензиите

 

Уставниот суд се сомнева дека се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност со тоа што со членот 2 од последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 1 септември годинава се воведе линеарно зголемување на пензиите. Весникот ВЕЧЕР објави дека на сопствена иницијатива Уставниот суд отвори постапка за членот 2 оценувајќи дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.

– Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување). Со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите и пресметките направени врз основ на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите прензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес – соопштија од Уставниот суд.

Во деталното образложение оттаму посочуваат дека Судот го имал во предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.

– Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии – нагласуваат од Судот.

Уставните судии сметаат дека пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и согласно член 30 од Уставот, правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено. Следствено на ова, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 (забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не ја остварува „легитимната цел” или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира”.

– Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано – сметаат уставните судии.

Оттаму известија деја Судот ја отфрли иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска поради тоа што оспорените одредби (член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) се од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет.

Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 беше отворена и на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски изнесе обвинувања нагласувајќи дека преку судијката Добрила Кацарска, СДСМ врши опструкции со линеарното покачување на пензиите.

– СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите – изјави Стојаноски.  

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ