понеделник, февруари 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дали лекарска грешка довела до смрт на новороденче на ГАК?

Дали лекарска грешка довела до смрт на новороденче на ГАК?

1843

Министерот за здравство, Азир Алиу, нареди вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а потоа и стручен надзор, во врска со смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство на 1 октомври, за што во јавноста беа објавени документи од интерни изјави дека станува збор за лекарска грешка.

Од Министерството за здравство изразија сочувство до семејството и информираа дека целта на контролите е целосно утврдување на околностите и расветлување на случајот. Посочуваат дека постапката ќе биде спроведена професионално, стручно и транспарентно, со цел јавноста објективно да биде информирана за наодите и за преземените активности. Оттаму апелираат да се почекаат резултатите од инспекцискиот и од стручниот надзор, како и обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртниот исход, за да не се создава немир кај семејството и во јавноста.

Министерството потсетува дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терцијарна здравствена установа со законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи и најави дека јавноста ќе биде навремено информирана по добивањето на сите наоди.

Комисијата за здравство на СДСМ побара итна оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиовска-Папестиев, поради, како што наведува, прикривање случај со смрт на новородено бебе и сомнежи за лекарска грешка.

– Родителите биле уверувани дека смртта била неизбежна, додека интерни документи од Клиниката укажуваат на сериозни пропусти во лекувањето – изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ. Според партијата, началничката на интензивна нега писмено пријавила дека несоодветно лекување и 20-минутна реинтубација довеле до компликации и смрт на бебето, а директорката, иако била известена, два месеци не го пријавила случајот. Оттаму бараат целосна и независна истрага и одговорност од сите инволвирани, без разлика на функцијата или хиерархијата.

ИЗДВОЕНИ