Иако ултравиолетовите зраци се главната причина за меланом, а кремите за сончање ги блокираат овие зраци, некои луѓе советуваат да не се користат креми за сончање и ги прикажуваат како потенцијална опасност. Дали има вистина во овие тврдења?
Тврдењето: „Неоспорен факт е дека земјите што користат најмногу креми за сончање имаат и највисока инциденца на рак на кожа. Колку повеќе се користи крема за сончање, толку е поголема инциденцата на рак на кожа“, напиша еден корисник на X од САД со 58.000 следбеници кон крајот на јуни. TikTok, исто така, има видеа што предупредуваат за наводниот ризик од рак на кожа од употребата на креми за сончање.
Овие предупредувања се неосновани. „Нема научни докази што укажуваат на врска помеѓу зголемениот ризик од рак и употребата на крема за сончање“, изјави за ДВ Британи Шефер од Институтот за јавно здравје на Конектикат.
Корисникот на платформата X го наведува Регистарот за рак во Конектикат како извор во својата објава. Портпаролката на институтот, Шефер, појаснува дека станува збор за неточни тврдења: „Оригиналните податоци за инциденцата на рак веројатно доаѓаат од CTR – регистар за рак стар со децении – но додадениот текст за крема за сончање не е дел од тие податоци. Не го знаеме изворот на тековната графика, но таа не доаѓа од CTR или од Министерството за здравство на Конектикат.“
Па зошто бројот на случаи на рак на кожа се зголемува низ целиот свет, иако сè повеќе луѓе користат крема за сончање? Меѓународна студија спроведена од научници од САД, Швајцарија, Германија и Унгарија од декември 2023 година наведува пет хипотези за да ја објасни оваа контрадикција.
Според Базелската студија, причините за заблудите и митовите за поврзаноста помеѓу ризикот од рак на кожа и заштитата од сонце вклучуваат: зголемена дијагностика, подобри методи на лекување, застарени научни студии, нередовна и неправилна употреба на крема за сончање, како и климатски промени.
Зголемената свест кај пациентите и лекарите за ризикот од рак на кожа доведе до повеќе пријавување и евидентирање на случаи. За разлика од зголемувањето на инциденцата, стапката на смртност од рак на кожа се намалува низ целиот свет благодарение на подобрите третмани, според Меѓународната агенција за истражување на ракот.
Според податоците од Светската фондација за истражување на ракот во 2022 година, Австралија имала највисока стандардизирана стапка на нови случаи на рак на кожа: 37 на 100.000 луѓе годишно, по што следат Данска (31,1), Норвешка (30,6), Нов Зеланд (29,8) и Шведска (27,4).
Кога станува збор за вкупниот број на случаи на рак на кожа во 2022 година, САД беа на прво место со 101.388 случаи, додека Германија, со иста стапка на инциденца од 16,5, имаше 21.976 случаи и беше на второ место.
Според бројот на смртни случаи од рак на кожа во 2022 година, САД повторно беа први (7.368 смртни случаи), а Германија четврта со 3.303 случаи, зад Кина и Русија. Овие статистики покажуваат дека високата стапка на морбидитет не мора да значи и висока стапка на смртност.