Како ќе влијае вештачката интелигенција врз македонската економија, односно дали ќе му помогне на бизнисот или само ќе му го земе лебот на работникот? Дел од аналитичарите сметаат дека вештачката интелигенција може многу да помогне само ако правилно се употребува. Поради тоа, тие сметаат дека треба да ја користиме за да ги подобриме нашиот бизнис, нашите секојдневни навики и сè што доаѓа во животот. Поради тоа, треба да се обидеме што побрзо да ја совладаме вештачката интелигенција за да ни биде полесно, наместо да се плашиме

 

Глобалните истражувања покажуваат дека ќе бидат заменети многу работни места со вештачката интелигенција. Некои истражувања одат со број дека до крајот на 2025 година ќе исчезнат дури 85 милиони работни позиции и дека тие ќе бидат заменети со машини. Весникот ВЕЧЕР праша некои од економските аналитичари како ќе влијае вештачката интелигенција врз македонската економија, односно дали таа ќе му помогне на бизнисот или само ќе му го земе лебот на работникот. Според нив, ВИ може многу да помогне само ако правилно се употребува. Поради тоа, тие сметаат дека не треба да се гледа на неа како на закана или на некое зло, туку како на нешто што е создадено од човекот и што треба да му го олесни животот.

– Вештачката интелигенција почнува да се употребува во секој сегмент од работењето. Таа не треба повеќе да се развива, таа е толку добро развиена, само треба да се најде вистинскиот начин како ќе се употребува. Таа во голема мера ќе им помогне на работодавците да го решат проблемот со недостигот на работна сила, ќе ја замени работната сила и ќе ја зголеми продуктивноста. Вештачката интелигенција може да замени повеќе професии, но може да придонесе и во заштита на животната средина и да создаде многу зелени работни места. Таа може да го подигне квалитетот и да ги унапреди условите за живеење. Вештачката интелигенција може да се вклучи во земјоделството, во туризмот, во производството на храна, во обработката на земјиштето, како и во сите производствени процеси. Таа ќе биде од голема корист во многу гранки и ќе им го олесни животот на граѓаните – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Според него, работодавците веќе соработуваат со некои образовни центри за креирање на занимања што се поврзани со употребата на вештачката интелигенција. Треба да ја користиме вештачката интелигенција за да ги подобриме нашиот бизнис, нашите секојдневни навики и сè што доаѓа во животот. Поради тоа, треба да се обидеме што побрзо да ја совладаме вештачката интелигенција за да ни биде полесно, наместо да се плашиме – смета тој.

Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија вели дека вештачката интелигенција е измислена од човекот за да му го олесни секојдневниот живот. Значи, таа треба само да му ја олесни работата на работникот, но не и да го замени. Вештачката интелигенција не може да биде подобра од природната, односно од човекот и не може да му го земе лебот на работникот.

Вештачката интелигенција може да направи сè, но некој мора да застане зад неа – таа не може да замени сè. Мора да има некој зад вештачката интелигенција, а тоа, сигурно, ќе биде човек. Тоа значи дека таа и роботите може да заменат многу работни процеси, да заменат многу работни места, но никогаш или барем нема во блиска иднина да го заменат човекот, сметаат експертите.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека тоа што ќе се градат фабрики за вештачка интелигенција во Македонија, нема да има директен ефект врз бизнисот.

– Тоа ќе бидат фабрики за прибирање податоци, зашто на вештачката интелигенција ѝ требаат големи системи за прибирање и чување податоци. Може ќе има ефект во смисла на вработување на луѓе во тие фабрики, но некој поголем директен ефект врз бизнисот нема да има – смета Димитров.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека ВИ е, секако, одлична работа ако ја работат стручни и квалитетни луѓе, а не некои што немаат познавање од неа.

– Многу работи во Македонија можат да се дигитализираат во јавните услуги преку поддршка на вештачката интелигенција. Најмногу ќе настрадаат услугите за продажба и за поддршка на компаниите, бидејќи речиси секоја услуга може да се дигитализира и автоматизира. Исто така, тука се и услугите за шалтерско работење, дигиталните услуги што најчесто се даваат преку телефон, потоа закажувањето прегледи, приемот и обработката на податоци… – смета Пекевски.

Неодамна, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави проширување на фабриките за вештачка интелигенција во Македонија и во Србија. Ова, како што рече таа, ќе значи дека компании од Западен Балкан ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ