Хелмут Марко го напушта Ред Бул по две децении поминати во тимот, а веднаш по неговото заминување реши една голема дилема – дали Макс Верстапен ќе си замине од австрискиот тим оваа зима?
Во интервју за „Клајне Цајтунг“, Марко нагласи дека четирикратниот светски шампион нема намера да го напушти тимот. Ова е одговор на шпекулациите што се засилија од моментот кога беше објавено дека Марко заминува, бидејќи Верстапен претходно јасно стави до знаење дека тој е клучниот човек во структурата на Ред Бул.
Во изминатите две децении, Австриецот воведе 20 возачи во Формула 1, меѓу кои и Себастијан Фетел и Макс Верстапен кои станаа светски шампиони, како и Даниел Рикардо кој беше повеќекратен победник.
Договорот на Верстапен со Ред Бул трае до 2028 година, но има и добро позната клаузула за заминување. Таа клаузула му дозволува на Холанѓанецот да си замине ако не е на одредена позиција во шампионатот.
- Макс не сака само да победува, тој сака да победува во хармонична средина. Кога тоа ќе исчезне, тој завршува од денес за утре. Но, тој е сè уште премногу млад за тоа, истакна Марко.
Веќе поранешиот советник на Ред Бул откри и како реагирал Верстапен на веста за неговото заминување. Тој вели дека Холанѓанецот бил „малку тажен“ бидејќи ова е човек кој го следел низ речиси целата негова кариера.
Тие се потсетија на заедничките успеси и интензивната сезона, во која, како што рече, „само тој и Џанпјеро Ламбиазе верувале во титулата до крајот.“
Нивната шампионска кампања на крајот пропадна за само два бода, а разочарувањето беше огромно.
Марко признава дека токму од ова емоционално празнење дошла одлуката за пензионирање.
Сепак, тој е уверен дека Верстапен ќе продолжи да го турка Ред Бул кон врвот и дека неговото заминување нема да ги наруши плановите на тимот за иднината.










