Следствено со пресудата за возачот Васил Јованов, кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, завршува рокот за измените во Законот за безбедност во сообраќајот кој е еден од петте кои добија на итност по трагичната несреќа што се случи на 30 јануари годинава. По протестите за поголема казнивост за несовесните возачи и правда за жртвите во сообраќајот државата се зафати со подготвување на системско решение кое треба да одговори на се поголемиот број несреќи кои само во изминатата година биле фатални за 140 луѓе.
„Сметаме дека со еден ваков инклузивен пристап на сите фактори во општеството ќе дојдеме до она што го посакуваме, а тоа е безбеден град и безбедна држава во делот на сообраќајната некултура што ја имаме и тоа конечно да го поправиме подигање на културата и со тоа да ја оствариме првичната цел – никогаш да немаме по 142 жртви во сообраќајни несреќи“, изјави министерот за полиција Панче Тошковски при промоција на проектот „Безбеден град“ за чие функционирање е потребно да се заменат најмалку пет, законот за прекршоци, законот за возила, законот за безбедност на патиштата, законот за извршување на санкции, кривичниот законик.
Паралелно, додека се собираат сугестии од граѓаните за законот за безбедност во сообраќајот, почна поставувањето на камерите по скопските булевари. На местото каде што беше прегазена младата девојка, кај Универзална сала на булеварот Партизанска, поставени се четири камери, а долж улицата засега има вкупно 22, пишуваше 360 степени. Според законските измени кои треба да се заокружат до утре, камерата ќе го фотографира семафорот, регистарската табличка на возилото кое го сторува прекршокот, а во посебни случаи и возачот. Известувањето и казната ќе стигнуваат по СМС-порака и електронска пошта.
„На сопственикот на возилото со кое е сторен сообраќаен прекршок документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, му се доставува известување со линк за преземање на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и фото запис со кој е документиран прекршокот, како и укажување во однос на начинот на доставата и последиците од неотворање на линкот“, стои во законските измени наменети за проектот „Безбеден град“.
Тој што ќе ги игнорира известувањата за казната, во суд може да ја изгуби дозволата за возење, предвидува законот.
„Сопственикот, односно носителот на правото на користење на возило или друго лице, не смее да прифати вина за сторен прекршок на сметка на друго лице, кога очигледно од електронскиот запис за прекршокот, јасно може да се утврди сторителот на прекршокот„ законот за таквите предвидува казна од 500 евра.
Поголемиот дел од граѓаните сметаат дека со видеонадзорот ќе се намалат сообраќајните несреќи: „Само на тој начин ќе може да се постигне нешто бидејќи факт е дека не може да има полицајци на секое место. Но, нема да бидат доволно камери само на главните раскрсници, треба да се постават и на сите улици кои важат за црни точки во градот, онаму каде што се вози брзо, особено во раните утрински часови. Освен камерите да се изнајдат и други средства за забавување на сообраќајот, бидејќи нема друг начин како да се смени сообраќајната свест, очигледно луѓето не се менуваат само со една казна, ако бидат санкционирани повеќепати ќе ги удри, по џебот па можеби ќе се промени нешто“, вели скопјанец за весникот ВЕЧЕР. Сепак, има граѓани кои се сомневаат во селективна правда:
„Мислам дека ќе се изигрува законот, ќе најдат начин возачите, ќе фатат врски да се избрише некако доказот од камерата. Од полицијата велат дека системот е така направен се со цел да не може да се изигрува, оти се ќе биде дигитално, фотографијата со сторениот прекршок автоматски ќе му биде испратена на сопственикот на возилото, а тој ќе има рок од 8 дена да ја плати казната.
Снимките ќе се чуваат шест месеци, а во случај на доказ во судска постапка и подолго. Новите одредби од законот со поголеми казни нема да важат за возилата од брзата помош ама и за придружбата на првите луѓе од државната власт. Возачите освен мобилен, додека возат не смеат да користат слушалки во двете уши, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, законот за овие предвидува казна од 50 евра.
Освен за несовесните возачи, законот ќе се заостри и за пешаците, па така
„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користат електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“ казната предвидена за пешаците е 40 евра.
Проектот „Безбеден град“ се одложи за почетокот на следната година поради измени во законот за лични податоци. Најпрво треба да се покријат улиците на главниот град и автопатите, а потоа камери ќе се поставуваат и во другите градови. (П.А.)