Генералниот секретар на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, кој на интервјуата во конкуренција со уште 10 кандидати ги доби највисоките бодови од експертската Комисија, ќе биде кандидат за нов претседател на Комисијата. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на Државната изборна комисија за спречување на корупцијата. Предлог-одлуката на собраниската Комисија за избори и именувања ќе оди на пленарна седница која ќе се одржи на почетокот на декември.
Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит. На интервјуто спроведено од Комисијата за селекција тој доби 96,5 бодови. Тој доаѓа од институцијата за чие раководно место се пријави на огласот што беше објавен летово откако поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинението во случајот „Адитив“. Димитровска стана обвинета за оддавање податоци на еден од главните обвинети, што се смета за службена тајна, но и за фалсификување на исправа.
И по нејзиното заминување, Антикорупциската комисија остана недостапна и затворена за новинарите и граѓанските организации. За време на изборниот процес, вршителка на должноста беше нејзината колешка од ревизија, Цвета Ристевска, позната во јавноста по предметот што го водеше за директорот на АНБ, Бојан Христовски. Освен по соопштението за тоа колку од партиите ги пријавиле своите донации за изборната кампања, ДКСК не објави позначајни забелешки за изборите.
Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот на Собранието за избор за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), селектирани беа 10, а интервјуата со нив почнаа во вторникот. Огласот за пријавување кандидати за претседател на Антикорупциската комисија беше објавен уште летово, но постапката беше времено прекината поради локалните избори. (П. А.)











