Добитникот на годинашната „Златна мечка“ од Берлин за најдобар филм, а годинава и добитник на специјалната награда за особен придонес во филмската уметност, на 10. јубилејно издание на МФФ „Киненова“, норвешкиот писател, сценарист и режисер Даг Јохан Хагеруд, за македонските медиуми сподели искуства од работата, но и проговори за улогата на уметноста.

Инаку, Даг Јохан Хагеруд во 2006 ја добива „Почесната награда“ на фестивалот „Нордиска панорама“. Во 2020 година, за својот втор долгометражен филм „Чувајте се од децата“ е награден со дури девет статуетки „Аманда“, додека за филмовите од неговата позната Осло-трилогија  „Секс“, „Љубов“ и „Соништа“ е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Последниот „Соништа“ му ја донесе „Златната мечка“ за најдобар филм на годинашното 75. „Берлинале“ и наградата на Fipresci

Вашите филмови се импресивни уметнички креации, но тие се и политички изјави. Дали намерно се занимавате со болни теми и теми кои општеството ги игнорира?

– Се обидувам да го набљудувам општеството од кое сум дел и да се фокусирам на одредени прашања што не се толку разгледувани, работи за кои мислам дека недостасуваат во тековните дискусии за тоа како ќе ги живееме нашите животи. Исто така, мислам дека го гледам општеството од страна, што е – за мене – добро место. Тоа овозможува нештата да се гледаат на поинаков начин. Уметноста не треба само да ги прикажува работите какви што се, туку и да се обидува да покаже какви би можеле да бидат. Знаете, да предложи некаков вид алтернатива.

Кој е најтешкиот момент за вас за време на снимањето на филмот?

–Тоа е кога сте на снимање и сфаќате дека не сте се подготвиле доволно добро. Забележувате дека има нешто што, едноставно, не е добро, а немате доволно време да откриете што не е во ред и да го скратите. Знаете дека треба да паузирате со снимањето и да ја анализирате ситуацијата. И понекогаш го правите тоа, без оглед на трошоците што тоа ги повлекува, а потоа сте благодарни на себеси што сте го сториле тоа. Бидејќи паузирањето кога нешто не е во ред е секогаш правилно. Меѓутоа, понекогаш сте премногу под стрес, збунети и загрижени за прекувремената работа, па продолжувате да снимате дури иако длабоко во себе знаете дека веројатно ќе мора да го направите тоа повторно.

Вие сте и писател и сценарист. Колку време ви е потребно за да напишете сценарио?

– Една недела, една година или пет години. Зависи. Едно од сценаријата во трилогијата беше напишано за 8 часа. Друго траеше речиси шест месеци. А јас работев на сценарио многу години пред да биде снимено. И тоа е, веројатно, најдоброто сценарио што сум го напишал.

Дали понекогаш актерите го формираат сценариото и ја импровизираат темата на дијалогот бидејќи, особено во вашата трилогија, монолозите се долги, но многу природни, со сите оние: НО, ПА?…

–„Но“, „па“ се напишани во сценариото. Сè што велат актерите е напишано. Правиме проби, колку што е можно повеќе, на кои актерите можат да дадат повратни информации, да се жалат и да смислат идеи. Тоа е обично од голема помош и јас сето тоа го земам предвид. Многу често тие откриваат нешто што недостасува, перспектива или прашање што треба да се постави, и јас се враќам и го препишувам. Понекогаш, предлозите не функционираат. Но, тоа е обично затоа што актерите самостојно размислуваат за својот лик, како што треба да биде, што значи дека немаат секогаш контрола врз филмот како целина, што е навистина моја работа. Но, се трудам последниот дел од пишувањето да го направам што е можно поколективен.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ