„Зелен хуман град“преку својот претставник во Советот на Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе Иницијатива за забрана на огномет на територија на градот со која се забранува употреба на експлозивни материи од страна на физички или правни лица со цел одбележување прослави или каков било вид на забава.
-Oгнометите предизвикуваат значително загадување на животната средина преку ослободување големи количини штетни честички (PM2.5 и PM10), токсични гасови како што се CO, SO2 и NOx, како и тешки метали, вклучително бариум, бакар, стронциум и олово. Овие супстанции го влошуваат квалитетот на воздухот, ги контаминираат медиумите на животната средина и со тоа претставуваат ризик за дивиот свет како и опасни последици за респираторниот и кардиоваскуларниот систем кај луѓето – особено кај деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ или други здравствени проблеми- потенцираат од „Зелен хуман град“.
Оттаму доаваат дека бучавата и интензивната светлина од огнометите имаат сериозни психолошки и сензорни последици врз чувствителните групи, како што се лицата со посттрауматски стрес, аутизам, сензорни нарушувања или фотосензитивна епилепсија и кај нив може да предизвикаат анксиозност, панични напади, флешбекови, сензорен колапс или епилептични напади.
-Истовремено, животните – и диви и домашни – често реагираат со силен страв и паника, што доведува до нивно бегство, повреди, нарушен сон, високи нивоа на стрес и дури смрт, особено кај птиците – велат од „Зелен хуман град“.
Тие очекуваат дека претставниците на останатите советнички групи во Советот на Град Скопје ќе ја поддржат оваа иницијатива и ќе покажат дека здравјето и квалитетот на живот на најранливите наши сограѓани како и на безгласните жители на Скопје – животните, им се поважни од неколку минути забава.












