Од јануари до август, Управата за јавни приходи извршила над 3.700 теренски контроли кај угостители и кај трговци на мало и кај третина од нив биле откриени неправилности: неиздавање фискални сметки и непријавен готовински промет.
– Испративме известувања до над 1.000 даночни обврзници што претходно беа санкционирани. Ги повикавме да ги коригираат даночните пријави, да го пријават скриениот промет и да го платат данокот што го должат. Ако не го направат тоа, УЈП ќе ги примени сите механизми за процена на скриениот промет, наплата на данокот и други санкции. Овој повик е сериозен. Секој треба да си ја прифати својата обврска и одговорност. Целта на УЈП не е лов на грешки, туку воспоставување ред и намалување на сивата економија – информираат од УЈП.