Општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица се темите на кои било разговарано на работниот состанок што градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го одржа со тимот на УНИЦЕФ, предводен од Лесли Милер, претставничка на оваа организација во државата.
– Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и на родителите, со цел да се изнајдат решенија и да се спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците – соопштија од Општина Центар.
Оттаму додадоа дека експертите на УНИЦЕФ споделиле искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Воедно, се разговарало и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја започна иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
– Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители – порача Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и за ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.












