Да се премести колекторот кај езерото Младост

56

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) наложи итно преместување на делница од регионалниот колектор за отпадни води крај езерото Младост, поради голем ризик од загадување и неможност за одржување.

Инспекторите утврдиле дека се затрупани со земја клучни шахти на трасираниот систем и дека се недостапни за проверка, што го прави колекторот небезбеден. Обидите за санација на другите оштетени шахти, како онаа кај хотелот „Романтик“, се покажале како ризични и со можност за дополнително загадување на езерската вода, во која веќе е регистрирано зголемено присуство на органска материја.

Инспекторатот смета дека единствено трајно решение е трасирање нова линија на колекторот подалеку од крајбрежјето.

Контролата во ЈКП „Дервен“ открила и системски слабости: пречистителната станица во Новачани, изградена уште во 2004 година за отпадните води од Кумарино, Сујаклари, Отовица и од населбата кај езерото, никогаш не била пуштена во работа, поради тоа веќе 20 години целата канализација се испушта директно во реката Вардар. Дополнителен проблем е и вториот крак на колекторот што ги опслужува новите мотели. Со него моментално никој не управува, но од локалната власт најавуваат дека наскоро ќе биде ставен под надлежност на ЈКП „Дервен“.

 

ИЗДВОЕНИ