Дарко Митровиќ од Општина Центар беше најсреќен меѓу 160 пријавени верници во Скопје, успевајќи да го извлече чесниот крст од осветените води на Вардар. Во Охрид, најсреќен меѓу стотиците учесници беше Мартин Гоџо од Варош, кој го извлече светиот крст од студените води на Охридското Езеро. Ова е третпат како Гоџо го фаќа крстот, претходно тоа му успеа лани и во 2022 година.

Светиот крст во Скопје беше положен од поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г. г. Стефан, а во Охрид првпат водите ги освети новиот митрополит кичевски, владиката г. Георгиј. На церемонијата во Охрид присуствуваа и илјадници верници и туристи, како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Со пораки за сплотеност, државниот врв во земјава им го честиташе празникот Богојавление на православните верници.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Водици носи силна порака за верата, храброста и за подготвеноста да се оди по исправниот пат, дури и кога тој е тежок. Богојавление, додава премиерот во честитката, е празник на откровението, прочистувањето и обновата – ден кога водата, како извор на живот, е потсетник на потребата од духовна и морална чистота. Тој порача дека овој ден е потсетник за важноста на заедништвото.
– Во овие моменти луѓето се собираат, се поддржуваат и ја споделуваат радоста, покажувајќи дека заедницата е најсилна кога е обединета околу вредности што нè надминуваат сите нас поединечно. Наша заедничка обврска е да создадеме средина во која луѓето ќе растат со силно чувство на припадност и одговорност кон општеството. Да останеме верни на вредностите што нè држат исправени и обединети и да продолжиме да ја градиме државата со чесност, солидарност и грижа за заедничкото добро, пишува Мицкоски во честитката до верниците.
Претседателката Сиљановска-Давкова изрази уверување дека осветувањето на водите ќе ни помогне, како што вели, да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.
– Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници, чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина, порача Сиљановска-Давкова.
Собранискиот спикер Африм Гаши, во честитката за Богојавление порача дека овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и на посветеноста во градењето на напредна и праведна држава.
– На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот, пишува Гаши во честитката до верниците.

Освен во Скопје и во Охрид, положувањето на крстот, според вековната традиција, се одржа и во другите македонски градови и населени места. Верниците секаде со вера во срцата влегоа во водите, верувајќи дека фаќањето на крстот носи духовна радост, здравје и благослов цела година.
И годинава, Васко Дрвошанов од селото Куклиш го фати положениот крст во осветените води на базенот „Аквариус“ во Струмица. Во водата скокнаа 16 граѓани, а најбрз беше Дрвошанов.
Во Радика по светиот крст скокнаа околу 300 верници, а најсреќен беше дваесет и тригодишниот Милко Божиновски од Ростуше, кој го извади осветениот крст од водите на Радика, што беше положен од епископ Антаниски, г. Партениј.
Дваесет и четиригодишниот Петар Чакарески беше најсреќен меѓу стотиците верници кои вчера влегоа во студените речни води во Струга и го извади светиот крст од водите на реката Црн Дрим.
Младиот тинејџер Христијан Бошевски (16), пак, е најсреќното момче учесник на традиционалната манифестација во Битола. Тој прв дојде до светиот крст во водите на црковниот базен во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“.
Светиот крст во водите на Вардар во Гостивар, пак, годинава го фати Бобан Симјаноски. Овој триесет и деветгодишен професионален војник во АРМ беше најсреќен меѓу четириесеттемина гостиварци кои влегоа во реката. Првите честитки и осветена икона како подарок доби од митрополитот тетовско-гостиварски, г. Јосиф. Симјаноски им се заблагодари на сите сограѓани, честитајќи им го празникот.
Марјан Заов го фати светиот крст во осветените води на Кочанска Река, кај Крушарскиот мост, на традиционалната црковно-верска манифестација по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици, а во Штип светиот крст беше положен на две локации во реката Брегалница. Триесетгодишниот Бојан Џонов го фати светиот крст во штипско Ново Село, а на главната церемонија во Штип, кај мостот на река Брегалница во населбата Осми Ноември, учествуваа стотина верници и најсреќен беше 29-годишниот Јован Јованов.
Наум Додевски е среќникот кој го извлече светиот крст положен во водите на Крива Река, од педесеттемина кои скокнаа по крстот, меѓу кои и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Во Берово, Благој Дујовски прв стигна до светиот крст, а Бојан Ѓеоргиевски беше најсреќен за Водици во Делчево.
Христијан Џеповски го извади светиот крст од Преспанско Езеро.
По церемонијата, среќните фаќачи на светиот крст традиционално ја посетуваат заедницата, честитајќи го празникот Богојавление – Водици и пренесувајќи благослов на домовите и на семејствата.
Водици, со векови, ги потсетува верниците на Христовото крштавање во Јордан, на важноста на крштавањето како духовно раѓање и на потребата да живееме според законите на верата, со човекољубие, богољубие и со чистота во срцето. (В. С. Н.)












