Од граѓанската иницијатива „За почиста Македонија“ нагласуваат дека истражувањата покажуваат дека кога автоматски се санкционираат прекршоците, граѓаните брзо ги менуваат навиките.
– Воведувањето казни за фрлање отпад од возила би можело да доведе до: намалување на загадувањето, намалување на бројот на пожари, зголемување на општата дисциплина во сообраќајот, како и до подобрување на еколошката свест – децидни се од „За почиста Македонија“
Граѓанската иницијатива „За почиста Македонија“ иницираше петиција за воведување автоматска детекција и казнување на фрлањето догорчиња и отпад од возила, како дел од проектот „Безбеден град“, појава што долго време претставува проблем во нашата држава.
Од граѓанската иницијатива сметаат дека ова е мала промена во системот, но оти ќе донесе огромни придобивки за животната средина, јавната безбедност и за развојот на современо, одговорно општество.
– Целта е не само спречување на прекршоците туку и подигање на јавната свест, намалување на загадувањето, како и зголемување на општата култура и одговорност во сообраќајот – велат од „За почиста Македонија“.
Тие сметаат дека кога веќе е поставен системот „Безбеден град“, кој во моментов функционира во тест-фаза и преку видеонадзор издава опомени за сообраќајни прекршоци, а со оглед на тоа што веќе е инсталирана и активна технологијата, постои реална можност да се надгради и да придонесе и во други важни области од јавен интерес.
– Со оглед на тоа што камерите на „Безбеден град“ веќе препознаваат минување на црвено светло, неправилно паркирање, некористење појас, користење телефон, пребрзо возење и слично, може да се надгради системот со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика што ја има во повеќе европски земји и градови. Ова е реално изводливо, без големи дополнителни трошоци – сметаат од „За почиста Македонија“.
Додаваат дека воведувањето автоматска детекција и казнување на фрлањето догорчиња и отпад од возила, како дел од проектот „Безбеден град“, е неопходно, бидејќи догорчињата се најчестиот вид отпад на улиците, тротоарите и покрај патиштата, а едно догорче содржи токсични материи: никотин, олово, арсен и стотици хемикалии што ги загадуваат почвата и водата.
-Потребни се и до 10 години за целосно да се разградат, а микропластичните влакна од филтерот завршуваат во земјата и во реките – потенцираат од „За почиста Македонија“.
Освен тоа, велат дека фрлено догорче од автомобил, особено во движење, претставува реален ризик за предизвикување пожар.
– Во Македонија, секоја година имаме огромен број шумски пожари. Еден од потенцијалните причинители на пожарите е и фрлањето догорчиња покрај патот. Ова ги загрозува природата, животните, имотот и безбедноста на граѓаните – децидни се од граѓанската иницијатива.
Воедно, наведуваат дека фрлањето отпад од автомобили создава слика на неуредност и на примитивно однесување.
– Ова остава негативен впечаток кај туристите и ги нарушува јавниот ред и чистотата во градот – оценуваат од „За почиста Македонија“.
Исто така, нагласуваат дека истражувањата покажуваат дека кога автоматски се санкционираат прекршоците, граѓаните брзо ги менуваат навиките.
– Воведувањето казни за фрлање отпад од возила би можело да доведе до: намалување на загадувањето, намалување на бројот на пожари, зголемување на општата дисциплина во сообраќајот, како и до подобрување на еколошката свест – децидни се од „За почиста Македонија“.
(А. П.)












